Наташа Божиновска Миркова: „Очекувањата на пазарот, не секогаш соодветствуваат со она што е моментално популарно во светот“

DSC07464
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На првиот ден од фестивалот Innovate. X, извршната директорка на Represent Communications учествуваше на панелот „Поттикнување на растот на бизнисите преку дигитална трансформација и стратешка иновација.“ Настанот, кој се одржува во хотелот Мериот во Скопје, ги собра водечките претставници на најпознатите IT компании во Македонија и комуникациски експерти за да ја истражат трансформативната моќ на технологијата и стратешката иновација.

Во првата панел-дискусија, Наташа Божиновска Миркова сподели примери за тоа како бизнисите можат да се прилагодат на неочекуваните пазарни промени и новите потрошувачки трендови преку агилни стратегии. Осврнувајќи се на искуството од периодот на Ковид-19, таа го опиша трансформативното искуство со клиент од финансискиот сектор чија комуникациска стратегија драстично се трансформираше со цел да се приспособи на трендот на експанзивен раст на електронската трговија.


„Бидејќи периодот на Ковид беше полн со ограничувања, а е-трговијата беше во подем, му предложивме на клиентот да создаде комуникација во согласност со очекувањата на пазарот. Заеднички создадовме и имплементиравме комуникациска стратегија која го трасираше нивниот пат кон национална доминација и регионален продор во платежните услуги“, објасни Божиновска Миркова. „Резултатите беа извонредни, доведувајќи до значителна експанзија на бизнисот во рок од седум до осум месеци и осигурување на еден од најголемите договори од основањето на компанијата во 2001 година.“

На панелот Александар Ников, лидер за иновации во Нетцетера сподели навистина интересни искуства од работата на компанијата во автоматизација на решенија за здравствени установи и спречување измами потенцирајќи дека е важно со компаниите за кои развиваат ВИ автоматизирани решенија добро да го дефинираат проблемот кој треба да се реши. Ников го спомена и проблемот со безбедноста на податоците и ограничувањата по однос на нивно складирање и обработка на сервери кои се во конкретни држави.

Владимир Ристовски, со-основач на Пиксел даде извонреден увид во ВИ трендовите и како тие се рефлектираат врз различните индустрии особено кога треба да се размислува за маркетинг решенија, а Љупчо Георгиев, генерален директор на Мајкрософт за Македонија и Косово, го сподели задоволството што многу компании веќе имаат напредни знаења од доменот на вештачката интелигенција па сами му приоѓаат на гигант во индустријата како Мајкрософт барајќи и нудејќи персонализирани решенија за интеграција.

Наташа Божиновска Миркова, се осврна и на лансирањето на webmind.mk, медиумски партнер на Innovate. X.

„Идејата за споделување знаење за крипто, веб 3.0, блокчејн, машинско учење, вештачка интелигенција ја имавме уште пред 4 години но не успеавме тогаш да ја реализираме за сега да си го најде патот до публиката во облик на регионалната платформа, WebMind. Научивме дека без разлика на тоа што е популарно или возбудливо во светот, треба подобро да го скенираме локалниот пазар и кои се неговите очекувања.“ нагласи таа.

Innovate.X 2024 е првиот регионален фестивал за иновации во Македонија, организиран од консултанската компанија Солвео. Дводневниот корпоративен настан се одржува денес и утре, а покрај конференцијата, настанот ќе има и работилници за развој на иновации и креативни решенија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK