Нафтата поевтини, се очекува нормализација на сообраќајот низ Ормускиот Теснец


nafta-depositphotos_11899752_l.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Цените на нафтата денеска паднаа под 78 долари за барел, откако САД и Иран потпишаа меморандум што предвидува отворање на Ормутскиот Теснец и постепено обновување на извозот на иранска нафта.


На лондонскиот пазар цената на нафтата се намали на 77,52 долари за барел, додека на американскиот пазар изнесуваше 74,63 долари.

Според договорот, САД ќе почнат со укинување на блокадата на иранските пристаништа, а Иран постепено ќе го отвора Ормутскиот Теснец за безбеден премин на трговски бродови. Процесот треба да биде завршен во рок од 30 дена.

Веќе се регистрирани првите нафтени танкери што непречено поминале низ теснецот, меѓу кои и три саудиски супертанкери со околу шест милиони барели нафта.

Пазарите позитивно реагираа и поради очекувањата дека иранската нафта повторно ќе се врати на светските пазари.

Во меѓувреме, Меѓународната агенција за енергетика соопшти дека стратешките резерви на нафта на земјите членки на ОЕЦД се намалени за 163 милиони барели од почетокот на конфликтот и се на најниско ниво од декември 1990 година. Според агенцијата, доколку договорот се реализира, производството и извозот на нафта од регионот на Персискиот Залив постепено ќе се стабилизираат.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK