Среднорочните фискални прогнози за земјите од Централнa, Источна и Југоисточна Европа упатуваат на фискална консолидација, што обезбедува поддршка на монетарната политика во напорите за намалување и стабилизирање на инфлацијата, истакнала вицегувернерката Ана Митреска, на 22. состанок за монетарната политика на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) за земјите од Централна и Источна Европа.
Според последните оцени, како што посочила, се очекува дека фискалната консолидација во регионот ќе биде заснована на намалување на расходите, со што ќе се придонесе за подобрување на фискалниот профил и натамошно намалување на притисоците врз цените.
Во тековните услови, според Митреска, соодветната монетарна и фискална координација е исклучително важна, како поддршка на вкупната стабилност на економиите.
– Во текот на пандемијата, буџетските дефицити и јавниот долг значително се зголемија, заради преземените мерки за поддршка на економската активност и заштита на ранливите групи. Оттогаш наваму, видливо е нивно намалување, но и понатаму се над претпандемичните нивоа, нагласи Митреска.
Во вакви услови, како што нагласила Митреска, неопходна е посветеноста на фокусирана и кредибилна консолидација, а со тоа намалување на нивоата на долгот и градење на фискалниот простор.
– Ова е особено важно во контекстот на позатегнати финансиски услови и надолни ризици за економскиот раст, за што е потребна претпазлива фискална политика којашто ќе го намали притисокот врз потребите за финансирање во земјите од овој регион и ќе го олесни нивниот пристап до меѓународните пазари, подвлекла Митреска.
На состанокот за монетарна политика на БИС за Централна и Источна Европа, како што соопшти денеска Народната банка, учествувале претставници на централните банки од поширокиот регион, како и претставници од Банката за меѓународни порамнувања и Европската централна банка.