Меѓународната Ротари фондација одржува обука за финансиска поддршка за проекти на македонските Ротари клубови

rotari_34535353454
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 Меѓународната Ротари фондација, со поддршка од Ротари клубот Кочани – Виница, денеска во Виница одржува тренинг обука за претставници на дваесетина македонски клубови од Ротари дистриктот 1912 за обезбедување финансиска поддршка за реализација на нивните проекти.

Обуката се реализира по вторпат и треба да помогне во подготовката на т.н. глобал грант проекти за кои се добиваат средства од Фондацијата, а минималниот износ за поддршка на еден проект е 30 илјади евра.


-Имаме чест четворица претставници од Ротари фондацијата од САД да бидат наши предавачи на оваа обука од која очекуваме повеќе позитивни ефекти, со оглед што таа располага со големи финансиски средства, а постојат строги правила како тие можат да се добијат. Ова е можност нашите ротаријанци од прва рака да добијат нови искуства што треба да направат за да ги искористат овие средства за своите проекти, а што се однесуваат на активности за помош во заедницата. Во Ротари Интернационал се дефинирани седум области на интерес за поддршка, меѓу кои се јакнење на мирот, поддршка на семејствата, поддршка на економскиот развој, обезбедување чиста вода за пиење и слично, истакна Раде Христовски, гувернер на македонскиот Ротари дистрикт 1912.

Организирањето на обуката е во рамки на одбележувањето на десетгодишнината од основањето на Ротари клубот Кочани – Виница, кој досега реализираше поголем број проекти за поддршка во заедницата, а за што средствата ги обезбедува од сопствени извори.

-Досега не сме користеле средства од Ротари фондацијата со оглед што процедурата е малку посложена, а токму оваа обука е можност да научиме како да ја добиеме таа поддршка. Веќе имаме подготвено неколку проекти, а еден од нив е земен како практичен пример за обуката и со него сакаме да стартуваме во Фондацијата. Се работи за проект за природна контрола на популацијата на комарците во регионот. При крај е неговата прва фаза со поставување макета на вилинско коњче во Кочани, како промоција на проектот, а во втората фаза ќе подготвиме научна студија за типовите и подтиповите на комарци што се присутни во кочанскиот регион и начинот на кој треба да се дејствува тимски и глобално, наместо секоја општина да спроведува одделни активности. Од тоа ќе произлезе стратегија што ќе влезе во програмите за работа на општините што гравитираат во Кочанската Котлина, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот Кочани – Виница.

Во рамки на обуката и прославата на јубилејот на Ротари клубот Кочани – Виница, вечерва ќе се одржи донаторска забава, а собраните средства ќе се наменат за активностите од проектот за контрола на популацијата на комарците.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK