Меѓународна арбитража се поизвесна за рудникот „Иловица“!?

pravda_35354
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Меѓународна арбитража, која државата би ја чинела близу милијарда евра e се поизвесна разврска на рудникот за бакар „Иловица“.

Ваквата најава доаѓа од врвот на компанијата, откако Управниот суд не ја прифати тужбата на инвеститорот „Еуромакс Ресоурцес“. Компанијата покрена тужба откако Владата реши да ја повлече одлуката за спојувањето на концесиите за рудникот.  Владата ја поништи одлуката за спојување на концесиите и покрај позитивното мислење од Министерството за економија и судските пресуди во корист на инвеститорот.


По пресудата од Управниот суд, Еуромакс Ресоурцес сега најавува жалба пред Вишиот Управен суд, но менаџментот на компанијата истакнува дека доколку продолжи непочитување на законите и носењето неосновани одлуки од институциите во однос на нивниот предмет најверојатно тие ќе се решат да ја искористат алатката за меѓународна арбитража.

„Еуромакс ќе продолжи со административниот процес и покрај овие правни предизвици, иако секоја произволна и конфликтна одлука на Владата или судовите додава дополнителни докази за несоодветниот третман од страна на државните институции и го зајакнува случајот што се гради за потенцијална меѓународна арбитража во корист на Еуромас. Компанијата останува цврсто во својата посветеност да ги заштити своите права и интереси, да обезбеди фер третман и да бара решение кое ќе биде согласно принципите на владеењето на правдата и правичноста“, велат од компанијата.

Извршниот претседавач на Бордот на Директори, Тим Морган – Вин вели дека длабоко се разочарани од одлуката на Управниот суд и неоправдано префрлање на надлежноста на предметот до Вишиот Управен суд.

„Загрижувачки е да се види таков модел на судски надзор, особено кога правата на меѓународните инвеститори се доведени во прашање. Постојаното непочитување на законите од страна на Владата и релевантните државни институции е алармантна, и во таков случај меѓународната арбитража се наѕира како неизбежна последица доколку овој тренд продолжи. Со значителното зголемување на цените на бакарот и златото во последните години, потенцијалните економски импликации од таквите активности не можат да се пренагласат“, вели Тим Морган-Вин, Извршниот претседавач на Бордот на Директори.

Од компанијата истакнуваат дека покренувањето на меѓународна арбитража никогаш не им била примарна цел , но компанијата ќе биде принудена да го активира процесот доколку оцени дека тоа е единствен начин за да се заштити од несоодветниот третман на државните институции.

Компанијата потсетува и дека веќе има доставено писмо со кое ја известило Владата за постоење на спор според билатералната спогодба на Федералниот совет на Швајцарија и Владата на Република Северна Македонија за заштита на инвестициите. Со поднесувањето на ова известување, Еуромакс формално го започнал процесот на барање оштета како последица, на како што велат, произволни и неконзистентни одлуки што ги носат државните институции.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK