Марија Дуковска-Павловска започнува ново професионално поглавје, а Иван Бановски е предложен повторно да го преземе раководењето со компанијата. Предвиден е шестмесечен транзициски период за обезбедување континуитет во управувањето.
– Макстил АД Скопје најавува планирани промени во раководната структура на компанијата, во контекст на пошироките корпоративни промени на ниво на матичната групација, со фокус на континуитет во управувањето, стабилност во работењето и понатамошен стратешки развој.
По речиси пет години на чело на Макстил, генералната директорка Марија Дуковска-Павловска донесе лична одлука да започне ново професионално поглавје, посветувајќи се на развојот на сопствена компанија и реализацијата на своите претприемачки амбиции.
Дуковска-Павловска ќе продолжи да биде дел од Макстил во функција на советник на компанијата, одговорна за екстерна комуникација, придонесувајќи со своето искуство и експертиза за понатамошно унапредување на корпоративната комуникација и односите со засегнатите страни.
За генерален директор е предложен Иван Бановски, искусен индустриски менаџер кој повеќе децении е дел од Макстил и кој во минатото веќе ја извршуваше оваа функција. Неговото долгогодишно професионално искуство и темелното познавање на компанијата и меѓународната челична индустрија се значајна основа за континуитет и понатамошен развој.
Во рамките на планираните корпоративни промени, предвидена е и промена во составот на Одборот на директори. На местото на досегашниот член Кристијан Карстенс (Christian Carstens) е предложен Џузепе Пратолонго (Giuseppe Pratolongo).
Предложените промени ќе бидат предмет на разгледување на претстојното Собрание на акционери, чие одржување е планирано за јануари 2027 година, и на одлучување од надлежните органи на компанијата.
Од преземањето на функцијата во февруари 2022 година, Марија Дуковска-Павловска го предводеше Макстил во период на значајни глобални економски и индустриски предизвици, со посебен фокус на модернизацијата на производството, инвестициите во заштита на животната средина, организацискиот развој и корпоративната транспарентност.
„Изминатите речиси пет години во Макстил се едно од најзначајните поглавја во мојата професионална кариера. Горда сум на тимот, на проектите што ги реализиравме и на професионалната култура што заеднички ја градевме. Одлуката да започнам сопствен бизнис е природен следен чекор во мојот професионален развој“, истакнува Марија Дуковска-Павловска.
Макстил изразува благодарност до Марија Дуковска-Павловска за нејзиното лидерство и придонес во развојот на компанијата, како и до Кристијан Карстенс за неговиот досегашен ангажман во Одборот на директори.
Стратешките приоритети на Макстил остануваат непроменети: модернизација на производството, зајакнување на меѓународната конкурентност, инвестиции во заштита на животната средина, развој и грижа за вработените и одржливо индустриско производство.
За формалните одлуки поврзани со предложените промени, Макстил навремено ќе ги информира акционерите и јавноста, во согласност со законските обврски и корпоративните процедури.