Македонија и МОТ ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа 2026–2030


whatsapp-image-2026-10-27-at-12.42.13.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Владата на Република Северна Македонија, организациите на работодавачите, синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030, потврдувајќи ја својата заедничка заложба за инклузивен економски раст, квалитетни и продуктивни работни места и посилни институции на пазарот на трудот.


„Со потпишувањето на Националната програма за достоинствена работа 2026–2030, ја потврдуваме нашата определба за создавање поквалитетни, подобро платени и посигурни работни места. Нашите приоритети се унапредување на работничките права, развој на вештините според потребите на пазарот на трудот, поголемо вклучување на младите и жените и намалување на неформалната економија. Во партнерство со Меѓународната организација на трудот и социјалните партнери, продолжуваме со реформите за подобри услови за работа и посилна економија. Успехот на оваа програма ќе го мериме преку конкретните подобрувања што ќе ги почувствуваат работниците и компаниите, бидејќи нашата цел е достоинствената работа да стане реалност за секој граѓанин, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Изработена преку трипартитни консултации, Програмата обезбедува рамка за соработка меѓу МОТ и нејзините трипартитни конституенти во Северна Македонија. Таа е усогласена со Рамката на Обединетите нации за соработка за одржлив развој (UNSDCF) 2026–2030, придонесувајќи кон остварувањето на нејзиниот стратешки приоритет за одржлива економија и достоинствена работа. Програмата, исто така, ги поврзува реформите на пазарот на трудот со пошироката агенда на земјата за одржлив развој и со целите за европска интеграција.

„Преку заедничка посветеност и заложба може да изградиме поинклузивен, попродуктивен и поотпорен пазар на трудот. Со заедничка работа можеме да создадеме квалитетни работни места, да ги зајакнеме институциите на пазарот на трудот, да го поддржиме развојот на одржливи претпријатија и да ги оствариме фундаменталните принципи и права при работа“, изјави Клер Харасти, директорка на МОТ за Централна и Источна Европа.

Светот на работата во Северна Македонија се менува. Иако земјата бележи континуиран напредок во социо-економскиот развој, недостигот на работна сила, демографските промени и емиграцијата, неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на вештини, ниското учество на жените и младите на пазарот на трудот, неформалната работа и ограничената продуктивност и натаму претставуваат значајни предизвици.

„Новата Национална програма за достоинствена работа одговара на овие предизвици и се фокусира на три приоритетни области: создавање овозможувачка економска средина, преку усогласување на трудовото законодавство и законодавството за безбедност и здравје при работа, унапредување на социјалниот дијалог и колективното договарање, како и поддршка на продуктивни, конкурентни, иновативни и одржливи мали и средни претпријатија; унапредување на стручното образование и развојот на вештините, преку подобрување на системите за стручно образование, обука и доживотно учење, со цел подобро да одговорат на потребите на пазарот на трудот; овозможување економско зајакнување на жените, преку промовирање еднакви можности и отстранување на пречките за учество на пазарот на трудот, вклучително и обврските за грижа за други лица, родовиот јаз во платите, како и насилството и вознемирувањето на работното место“, велат од Министерството.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK