Со мене нема разговарано претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ниту било кој друг, за тоа кои компании ќе бидат подизведувачи на изградбата на Коридорите 8 и 10д, вели премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали е разговарано на оваа тема за ангажирање на македонски градежни компании.
Тој, по лидерската средба со Мицкоски во Клубот на пратениците, посочи дека нашата држава има договор со американско-турскиот конзорцуим „Бехтел и Енка“.
-Сите одлуки што се носат во практичната имплементација на работа на тој проект се во делот на конзорциумот, во рамки на брзо и ефикасно и според договорот за брзо извршување на проектот, а контролата се одвива во рамки на ЈП за државни патишта и нормално Министерството за финансии, каде што секоја финансиска трансакција ќе се направи од ЈПДП до конзорциумот ќе биде јавно објавена на делот на порталот за јавни финансии, рече Ковачевски по лидерската средба.