Со задоволство Ве известуваме дека денес се одржа прес-конференција за претставување на новоформираната фондација „Центар за дигитална трансформација ГоДигитал Скопје“. Настанот се одржа во присуство на основачите на Центарот од Македонија2025 и бројни претставници од партнерските организации, медиумите и други заинтересирани страни.
Центарот „ГоДигитал“ е основан со цел да ја унапреди дигиталната трансформација во Македонија, а на прес-конференцијата беа претставени мисијата и основните цели на Центарот. Претставниците на Центарот објавија дека во 2024 година ќе се фокусираат на низа активности, вклучувајќи поддршка за микро, мали и средни претпријатија, и политики за намалување на сивата економија.
На прес-конференцијата се обратија дел од со-основачите на ГоДигитал, Никица Мојсоска Блажевски и Васко Кроневски. Тие ги истакнаа клучните предности и стратешки цели на новата организација. Со-основачите изразија оптимизам за иднината и за потенцијалот на Центарот да придонесе кон дигитален и економски развој на земјата.
„Сметавме дека е најдобро да основаме, нова, непрофитна организација чија цел е да го развие еко-системот за дигитална трансформација бидејќи недостигаат консултанти коишто знаат како да ги дигитализираат компаниите, компании коишто се доволно свесни за предностите на дигитализација, како и дигитални решенија кои одговараат на потребите на домашните компании.“ изјави Никица Мојсоска Блажевски.
Претставници од партнерските организации, вклучувајќи ги и ИМЕ, КИБС и Виза Југоисточна Европа, ја изразија својата поддршка за новоформираниот Центар. Членовите на Одборот на директори на Македонија2025 ја потврдија својата посветеност кон целите на Центарот „ГоДигитал“, со посебен акцент на поддршката на економскиот раст и дигитализацијата на земјата.
„ГоДигитал веќе ја заврши својата прва поголема активност, обука на бизнис консултанти кои ќе им помагаат на компаниите да развијат стратегија за дигитална трансформација, како и да ја имплементираат истата. Обуката е според меѓународен курикулум и меѓународна сертификација. Следната фаза е селекција на успешни компании кои ќе бидат поддржани од програмата на ГоДигитал.“ изјави Васко Кроневски.
За повеќе информации за Центарот за дигитална трансформација „ГоДигитал“ и неговите планирани активности, Ве покануваме да ја посетите нашата веб-страница или да нѐ контактирате.