Комерцијална банка прва во земјава воведе тактилни платежни картички прилагодени и за слепи лица

Komercijalna Banka-taktilni karticki-1
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Комерцијална банка, како општествено одговорна компанија, воведе тактилни платежни картички, кои ќе им помогнат, пред сѐ, на слепите лица и на лицата со оштетен вид полесно да ги идентификуваат и да ги разликуваат нивните платежни картички.  

Тактилните платежни картички, кои се разликуваат од постоечките по својот облик, денеска беа промовирани од Комерцијална банка во соработка со Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија.


Со тактилните картички Комерцијална банка придонесува за поголема инклузивност, еднакви можности и права на сите граѓани. Тактилните картички имаат посебни засеци, и тоа заоблен засек кај дебитните и квадратен засек кај кредитните платежни картички, со што можат лесно да се идентификуваат и разликуваат без користење на видот.

Сите платежни картички издадени од Комерцијална банка постепено ќе бидат заменети со тактилни. Банката, во рамките на своите заложби за поголема безбедност и инклузивност на лицата со посебни потреби, овозможи и сите слепи лица да можат бесплатно до крајот на годинава да ја заменат постоечката дебитна и кредитна платежна картичка од Комерцијална банка со тактилна картичка.

„Корисничкото задоволство е секогаш наш врвен приоритет. Со воведувањето на тактилните картички направиме уште еден чекор плус кон доближување на производите и услугите на Комерцијална банка до сите граѓани со цел непречено задоволување на нивните финансиски потреби. А, како дел од нашите заложби да создадеме поголема финансиска инклузивност и независност на слепите лица, овозможивме и бесплатна замена на нивните дебитни и кредитни картички со тактилни“, изјави д-р Никола Џамбазовски, Главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, на прес-конференцијата по повод промовирањето на тактилните картички.

Претседателот на Националниот сојуз на слепи, Жарко Селковски, во име на сите членови изрази најискрено задоволство и благодарност кон Комерцијална банка за овој чекор.

„Комерцијална банка е предводник во однос на инклузивноста и пристапноста на банкарските услуги за лицата со оштетен вид. Воведувањето тактилни платежни картички е значаен чекор напред во обезбедувањето еднакви можности за нашите членови и за сите лица со оштетен вид. Новите картички не само што ќе им обезбедат поедноставен пристап на слепите лица до нивните финансии, туку и значително ќе го подобрат нивниот секојдневен живот. Веруваме дека реализацијата на ваквите иницијативи не само што ќе го подигне степенот на свесност за потребите на лицата со оштетен вид во општеството, туку и ќе ги инспирира останатите компании да го следат нивниот пример и да се вклучат во создавањето поинклузивно општество за сите. Ова е уште еден доказ дека секој мал чекор, секое мало дело, го гради светот во кој сите сонуваме да живееме, свет посветен на различноста и исполнет со взаемно разбирање и соработка“, истакна Селковски.

Комерцијална банка веќе започна со издавање тактилни картички од видот Visa Debit и Debit Mastercard World, а во наредниот период постепено и останатите видови картички од брендовите на Mastercard и Visa ќе станат тактилни.

Тактилните платежни картички се континуитет на досегашните прилагодувања што ги обезбеди Комерцијална банка за поголема финансиска инклузивност и достапност на банкарските производи и услуги за слепите и слабовидните лица. Банката прифаќа факсимил како своерачен потпис, ја има адаптирано електронската банка за слепи лица, дозволува нејзини вработени да бидат сведоци за банкарски трансакции на слепи лица, врши достава на ПДФ документи по електронска пошта, а веб страницата kb.mk се придржува до WCAG 2.2 (Web Content Accessibility Guidelines), АА+ ниво, кои се меѓународни стандарди за уредување на веб содржини на начин пристапен за лица со попреченост. Исто така, Банката има реализирано и обуки за информирање на слепи лица за придобивките од користење електронско банкарство, работење со тековна сметка и отворање сеф, сѐ со цел оваа категорија на клиенти на полесен и поефикасен начин да стигнат до сѐ што им е потребно за нивните лични финансии.

 

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK