Како одлуката за ИПР на ЦЕФТА ќе влијае врз иновациите и малите бизниси

Марко Мандиќ
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во најава е донесување на значајна одлука, со која страните на ЦЕФТА ќе направат значаен исчекор со цел зајакнување на иновациите и поддршка на малите бизниси. Одлуката се фокусира на правата на интелектуална сопственост (ИПР) и претставува пресвртница за економскиот раст на регионот.

Една од целите во делот за меѓусекторски трговски мерки од Акциониот план за заеднички регионален пазар 2021-2024 година е да се донесе нова рамка за аспектите на интелектуалната сопственост и сродните права поврзани со трговијата.


Целта на новата рамка е да обезбеди хармонизирани регулативи или минимални стандарди за правна заштита во различни области на ИПР, што вклучува имплементирање на принципи за недискриминација кои ќе обезбедат еднаква заштита без разлика од која страна на ЦЕФТА потекнува компанијата. Подеднакво важно за пазарната интеграција и слободната трговија во рамките на Заедничкиот регионален пазар е воведувањето на регионален режим на исцрпување во ЦЕФТА барем за индустриски дизајн и трговските марки.  Ова значи дека признавањето на трговска марка или индустриски дизајн од страна на ЦЕФТА не му дава право на носителот на правата да ја забрани неговата употреба во врска со стоки, услуги или производи кои се легално пласирани на пазарот во која било од страните на ЦЕФТА. Ова е важна отскочна штица кон режимот на исцрпување на ЕУ што ќе се применува по пристапувањето во ЕУ. Конечно, оваа одлука ќе ја унапреди соработката за извршните постапки кои бизнисите увиделе дека недостигаат и имаат потреба од подобрување. Новата рамка ќе ги земе предвид ЕУ и глобалните (TRIPS) практики и дополнително ќе се зајакне со подобрување на координацијата помеѓу канцелариите за ИС.

Експертите на ЦЕФТА веќе се согласија на техничко ниво за текстот на Одлуката на Мешовитиот комитет, со која се бара придржување до најновите законодавни случувања на Европската унија.

Во пракса, Одлуката воведува клучни принципи засновани на практиката на ЕУ и исто така ја поставува потребната рамка која ќе овозможи координација меѓу Страните за воспоставување унифициран пристап за заштита и спроведување на правата на интелектуална сопственост. Најзабележителен е принципот на недискриминација и режимот на исцрпување на ЦЕФТА, како и воведувањето на координативно тело во рамките на ЦЕФТА кое ќе ги обедини канцелариите за ИС и другите клучни органи ангажирани во ИПР и нивната заштита. Како производ на оваа координација, наскоро ќе имаме размена на информации во реално време релевантни за спроведување на царинските мерки, имплементација на онлајн алатки и дигитализација на досиејата поврзани со правата од интелектуална сопственост.  Преку едукативни активности и континуирана соработка со органите на Европската Унија, особено Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија (EU IPO), одлуката ќе биде поддржана со активности за подигање на свеста и воспоставување пултови за помош за интелектуална сопственост и фокусни точки за ангажирање на малите и средните претпријатија. во заштитата и развојот на нивните права од интелектуална сопственост,“ вели Марко Мандиќ, експерт за трговија во Секретаријатот на ЦЕФТА.

Како одлуката ќе влијае врз малите бизниси за поттикнување на претприемништвото?

Заштитата на правата на интелектуална сопственост има витална улога во растот на денешните економии. Ова е особено важно за старт-ап претпријатијата и малите и средните претпријатија, бидејќи заштитата на нивните иновации го израмнува полето за игра што им овозможува да се натпреваруваат со многу поголеми компании.

Рамката се очекува да ги рационализира процесите поврзани со регистрацијата и спроведувањето на правата на интелектуална сопственост, обезбедувајќи поголема јасност и сигурност за бизнисите кои работат во регионот. Со усогласување на регулативите за правата на интелектуална сопственост, ЦЕФТА има за цел да создаде погодна средина за иновации и инвестиции, а со тоа да го стимулира економскиот раст и конкурентноста.

Со воспоставени појасни и поконзистентни регулативи за правата на интелектуална сопственост, на малите бизниси ќе им биде полесно да ги заштитат своите иновации и правата на интелектуална сопственост.

Од друга страна пак, ефективната заштита на ИПР промовира директни странски инвестиции и со поттикнувањето на иновациите, им овозможуваат на малите компании палета на алатки кои ќе помогнат да се поттикне нивниот успех и во корист на потрошувачите и општеството преку континуиран тек на иновативни, конкурентни производи и услуги и проширување на пазарот.

Интегрирањето на пазарите на стоки и услуги ќе им овозможи на малите економии на ЦЕФТА да станат дел од не само регионални, но и глобални синџири на снабдување и производствени мрежи, што пак би ги намалило трошоците за потрошувачите и да ги направи овие економии попривлечни за странски инвестиции.

Влијанието на одлуката се протега надвор од економскиот раст, допирајќи ги и пошироките општествени придобивки. Со промовирање на иновациите и претприемништвото, ЦЕФТА страните негуваат култура на креативност, што може да доведе до развој на нови решенија за итни општествени предизвици и да придонесе за севкупниот општествен напредок.

Експертите од Адвокатското друштво Пепељугоски  долги години се занимаваат со правото во домен на заштита на интелектуалната сопственост. Како лидери во оваа правна област сметаат дека имплементацијата на оваа Одлука на ЦЕФТА ќе го унапреди претприемништвото и ќе ги поттикне малите бизниси да инвестираат во истражување и развој, знаејќи дека нивните дела се соодветно заштитени.

„Одлуката на ЦЕФТА ќе придонесе во хармонизација и поставување на минимум стандарди за заштита и спроведување на правата од интелектуална сопственост, со краен ефект елиминирање на бариерите при трговијата. Имплементацијата на оваа Одлука ќе има за цел спроведувањето на заштитата на правата од интелектуална сопственост да не биде пречка, туку двигател за малите бизниси. Ова особено ако се има во вид рапидниот развој на онлајн трговијата, кој пак од друга страна создава и големи можности за полесна злоупотреба на правата од интелеткуална сопственост. Интегрирањето на пазарите од ЦЕФТА-регионот на ваков начин, ќе придонесе за малите бизниси од овие региони да се поврзат и да станат релевантни играчи на глобалниот пазар, ќе се подигне нивото на свеста за заштита на правата од интелектуална сопственост, а ултимативно истото ќе има бенефит и за крајните потрошувачи.“, вели д-р Ана Пепељугоска, адвокат-партнер во Адвокатско друштво Пепељугоски.

Иако одлуката претставува значаен чекор напред за ЦЕФТА-регионот, остануваат предизвиците во обезбедувањето ефективна имплементација и спроведување на новата рамка за правата на интелектуална сопственост. Страните ќе треба тесно да соработуваат за да ги решат сите потенцијални прашања и да обезбедат сигурен терен дека придобивките од одлуката се реализираат од сите засегнати страни.

Усвоjувањето на Одлуката на ЦЕФТА за правата на интелектуална сопственост ќе означи пресвртница за регионот, тоа е важен темел што лежи во самото јадро на функционалниот Заеднички регионален пазар со далекусежни импликации за иновациите, малите бизниси и економскиот развој. Со создавање поповолна средина за заштита на интелектуалната сопственост и соработка, ЦЕФТА ја поставува основата за иднината која се карактеризира со зголемена конкурентност, раст и просперитет.

 

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK