Спојувањето на професионалниот ангажман со личните интереси е скоро па и најголемиот предизвик на секој млад човек во денешното време. Занимавањето со спортска дисциплина триатлон во Македонија може да биде и ослободување но и предизвик исто колку и занимавањето со корпоративно право. Марко Најденовски е Директор за усогласеност со прописи во Макстил АД Скопје и со него зборуваме на темата баланс меѓу личните и работните ангажмани, во животниот стил на еден триатлонец и неговата професионална мотивација.
- Која беше мотивацијата за вработување во Макстил АД Скопје? Каков работодавач е Макстил?
МН: За почеток, самото име Макстил, како една од најголемите компании во Македонија, со долга историја и традиција, а воедно и дел од Дуферко – групација со реноме од светски рамки, иницијално имаше голема улога во мојата одлука да се придружам на тимот. Но, она што најмногу мене ме „купи“ е насоченоста на компанијата кон промени, надградувањето и адаптирањето на новото време. Се отвораат нови позиции и се поставуваат помлади луѓе на повисоки функции, со цел да се модернизира компанијата и да биде во тек со трендовите, дури и за ваква тешка индустрија.
Дополнително, работата во специфична индустрија – индустрија која е регулирана со голем број регулативи – како законски, меѓународни стандарди и групациски политики, беше предизвик кој што не можев да го одбијам.
Од друга страна, она што ме убеди дека сум ја направил вистинската одлука е залагањето на Макстил за добросостојбата на вработените во секоја смисла и „life/ work” баланс – нешто што е навистина сѐ потешко да се постигне и најде кај македонските компании, а сум среќен дека се популаризира и станува одлучувачки фактор при вработување.
- Триатлонот бара исклучителна дисциплина за да се одржи кондицијата и да се постигне издржливост. Дали истата оваа дисциплина како вештина ви помага при решавање на секојдневните професионални предизвици?
МН: Секако дека дисциплината која се стекнува преку спортските навики е пренослива вештина, па лесно наоѓа примена и во професионалниот ангажман. Она што триатлонот ме научи е дека нема скратен пат до успехот, нема како да стигнеш до целта, без посветеност, труд и дисциплина. Оттука, ваквиот пристап во професионалните обврски ми помага да останам посветен, истраен и фокусиран на задачата, додека не дојдам до крајниот резултат.
- Дали постигнувате баланс меѓу рекреативните (спортските) и професионалните ангажмани? Како ваквото темпо се одразува врз социјалниот живот?
МН: Сите сме свесни дека во денешно време слободното време е премногу скапоцен ресурс, а со самото и тоа и почнавме многу повеќе да си го цениме. Среќен сум што работата во Макстил ми го направи полесно достапен овој ресурс. Но, ќе излажам ако кажам дека балансирањето меѓу рекреативните и професионалните ангажмани не ми претставува предизвик, но истовремено тоа е многу важен аспект во мојот живот, за кој не би правел компромис.
Како директор за усогласеност со прописи, мојата примарна одговорност е да обезбедам нашата компанија да функционира во согласност со сите применливи законски и регулаторни стандарди. Ова вклучува активно следење на промени во законодавството, изработка на стратегии за спроведување на новите прописи и обучување на персоналот за нивната имплементација. Одговорноста и тежината на овие задачи знае да бара доста голема посветеност и време. Токму затоа, го „користам“ триатлонот, како одличен начин за одмор и релаксација. Тренинзите за пливање, возење велосипед и трчање не само што позитивно влијаат на физичкото здравје, туку и ми даваат можност за ментално да се опуштам, а понекогаш и да го искористам тоа „тивко“ време за да се посветам на размислување на работните обврски.
Триатлонот е симбиоза од три спортови – за да постигнеш баланс помеѓу трите спортови, потребно е да се следи структуриран режим на тренинзи. Таа структурираност и организација е токму тоа што научив како да го применувам и во професионалните предизвици но исто и во организирање на секојдневните обврски. И, секако да не го заборавиме социјалниот живот, доста важен дел од моето секојдневие. Гледам да посветувам повеќе време и на дружење со пријатели, но и познаници со кои нѐ споил спортот, кои доаѓаат од најразлични позадини и индустрии, што е и супер прилика за проширување на моите лични и професионални кругови.
Гледам никогаш да не правам компромис и засега успешно го вклопувам активниот начин на живот и професионалната посветеност, што воедно ми помага во подобрување на мојата продуктивност и задоволство во обата аспекти.
- Кои се придобивките што ги добивате од работата во Макстил АД Скопје? Дали Макстил АД Скопје е добра работна средина за млади и амбициозни луѓе, според вашиот пример?
МН: Како што споменав и претходно, фактот што Макстил е една од најголемите компании во Македонија, дел од Дуферко групацијата која сама по себе има реноме во светски рамки – е придобивка сама по себе. Дополнително, работата во компанија која е дел од меѓународна групација обезбедува можност да работам во глобална околина што придонесува за широка интернационална перспектива и можност за соработка со колеги од различни делови на светот. Разнообразноста во тимот е, исто така, уште една предност. Поради природата на дејноста на Макстил, мојата работа вклучува комуникација со колеги – луѓе со различни култури и позадини, а работата во неа создава разнообразен и инклузивен тим.
Ме радува фактот што во Макстил, и покрај енормноста и „тешката“ природа на индустријата во која се работи, се верува дека промените и модернизацијата ги носат помладите генерации и тука, во Макстил годините не го дефинираат степенот на искуство или визионерство што може да го носат и младите и амбициозни и искусните луѓе. Токму затоа и сметам дека Макстил АД Скопје е добра работна средина за млади и амбициозни луѓе особено тие кои сакаат да напредуваат во кариерата.
- Каде се гледате себеси за 10 години, што мислите дека ќе преовладува во вашиот живот, триатлонот или корпоративното право?
МН: За 10 години се гледам себеси како уште поуспешен триатлонец и професионалец, кој уште поуспешно балансира, но пред сѐ, ужива помеѓу љубовта кон триатлонот и посветеноста на професионалните ангажмани.