Граѓаните сѐ повеќе ги уживаат придобивките од дигиталните плаќања

plakanje-so-karticka.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дигитализацијата предизвикува постојана промена во навиките на граѓаните при извршувањето на плаќањата, па тие сѐ почесто ги користат современите канали на плаќањата, за што говорат и податоците за 2023 година, коишто Народната банка редовно ги обработува и ги објавува.

Во 2023 и 2024 година се зголемува употребата на платежните картички од страна на граѓаните за извршување на плаќањата во трговијата во земјата, што се согледува преку засилениот годишен раст на бројот и вредноста на плаќањата, за 18% и 17%, соодветно. Бројот и вредноста на плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) забележуваат годишен раст од 5% и 12%, соодветно. Иако плаќањата со кредитни трансфери сѐ уште најмногу се вршат на шалтерите на банките (71%), податоците за изминатата година ја потврдуваат и сѐ почестата употреба на дигиталните канали, со годишен раст од 16% кај бројот и 19% кај вредноста на плаќањата иницирани електронски. Притоа, граѓаните сѐ почесто ги употребуваат мобилните апликации за извршување на плаќањата коишто забележаа раст од 22% кај бројот и 30% кај вредноста.


Граѓаните можеа на удобен и сигурен начин да ги извршуваат плаќањата во земјата имајќи предвид дека на крајот од 2023 година во оптек беа 1,9 милиони платежни картички, од коишто 76% се засновани на бесконтактна технологија. Инфраструктурата за прифаќање плаќања со платежни картички, пак, брои 32.198 уреди на физичките места на продажба, кај 15.804 трговци во земјата, од кои дури 95% ја поддржуваат бесконтактната технологија. Бројот на картички со бесконтактна технологија и уредите на физичките места на продажба коишто ја поддржуваат оваа технологија забележа годишен раст (во споредба со 2022 година) од 0,5%, односно 18%. Годишен раст од 6% во однос на 2022 година е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажба на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата.

За извршувањето на плаќањата со прифаќање на платежните картички, според најновите податоци за 2023 година, трговците плаќале просечен надоместок во висина од 1,12% од вредноста на прометот, што е помалку за 0,01 п.п. во споредба со 2022 година. Најголемо намалување се забележува кај надоместокот за плаќањата за дејноста информатичка технологија и бела техника и услугите на државните институции (за 0,08 п.п. кај двете групи дејности) и на бензинските станици (за 0,06 п.п.).

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK