Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов заедно со соработникот за енергетика во Канцеларијата на Претседателот на Владата Виктор Андонов и директорот на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ учествуваа на Белградскиот меѓународен енергетски форум БЕФ 2023, известуваат од АД ЕСМ.
На форумот над 400 експерти од енергетиката од 28 земји, меѓу кои и министри и високи претставници на влади од регионот и од Југоисточна Европа како и претставници на енергетски компании, дебатираа за енергетската иднина.
– АД ЕСМ некаде од 2019 почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција односно енергетската трансформација. Сите активности беа во склад со усвоената Стратегија за енергетика до 2040 година и со движењето кон зеленото сценарио. И покрај предизвиците и тешкотиите кои ги донесоа ковид кризата и енергетската криза, АД ЕСМ не го губи фокусот и продолжува интензивно да работи на 12 нови инвестициски проекти, со инсталиран капацитет од 1800 MW, од кои најголем дел се од обновливите извори како фотоволтаични и ветерни централи како и искористување на хидропотенцијалот, порача Стефанов на панел дискусијата „Енергетски систем на Југоисточна Европа – стратегии за надминување на кризата“.
Од АД ЕСМ информираат дека покрај дебатата за енергетската криза и стратегиите за надминување, директорот Стефанов одржал и куси средби со високи претставници од енергетскиот сектор каде се истакна важноста од соработката на земјите од регионот и ЕУ, заеднички пристап како и поддршка за успешна транзиција кон зелена чиста енергија.