Филипче: Минималната плата мора да се зголеми на 600 евра


Depositphotos_1644508_XL.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Минималната плата мора да се зголеми на 600 евра затоа што работниците и семејствата повеќе не можат да ги покријат основните животни трошоци, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, при денешната посета на Струга.


„Апелирам власта да го поддржи предлогот на СДСМ во Собранието за зголемување на минималната плата на 600 евра. Тоа е најмалку што може да направи за луѓето, работниците и семејствата на кои минималната плата им е единствениот приход. Поради огромните трошоци, тие едноставно не можат да врзат крај со крај“, рече Филипче.

Тој нагласи дека зголемувањето на минималната плата треба да биде проследено со конкретна поддршка за домашните компании и приватниот сектор.

„Потребно е да се поддржат компаниите и приватните бизниси, за зголемувањето на платите да не претставува дополнителен товар за нив. Затоа предлагаме субвенционирање на придонесите за делот од зголемувањето“, истакна Филипче.

Граѓаните во Струга, како што додаде, секојдневно се соочуваат со сериозни проблеми во животниот стандард и семејните финансии, а економската криза предизвикана од лошото управување на власта дополнително се продлабочува.

„Синдикалната кошничка е зголемена за речиси 1.000 денари само за еден месец. Кога ќе се додадат трошоците за кирија за просечен стан или ратата за станбен кредит, таа достигнува близу 90.000 денари. Во Македонија стана невозможно да се живее со криминалната власт предводена од Христијан Мицкоски“, рече претседателот на СДСМ.

Филипче посочи дека економското тонење го потврдува и сериозниот пад на странските инвестиции.

„Во последниот објавен квартал од 2026 година има само 18 милиони евра странски инвестиции, во споредба со 250 милиони евра во времето на владите на СДСМ. Истовремено, Владата најавува нов заем од 1,3 милијарди евра, кој ќе го отплаќаат идните генерации“, рече Филипче.

Додаде дека наместо задолжувањата да се користат за вистински развојни проекти што создаваат економски раст, власта ги троши парите за покривање на буџетската дупка и тековните расходи.

„Додека трошоците растат, платите не го следат тој раст. Затоа минималната плата од 600 евра и поддршката за компаниите не се прашање на политичка волја, туку егзистенцијална потреба за илјадници семејства“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK