Еуромакс Ресоурцес: Во рударскиот комплекс Иловица – Штука ќе се применуваат најбезбедни и најсовремени методи за експлоатација на минерални суровини

euromax
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Соопштение за јавност за денешниот протест во Струмица

 


Почитувани,

Имаме целосно разбирање за грижата на жителите на Струмичката котлина и на целокупната македонска јавност. За жал, долготрајната негативна кампања насочена против реализација на инвестицијата преку манипулирање со чувствата на луѓето и пласирање невистини предизвикаа неоправдан страв и загриженост на широката македонска јавност.

Како и досега, Еуромакс Ресоурцес ги охрабрува сите граѓани, во духот на партиципативната демократија, засилената улога на „граѓанинот“ и организираните форми на граѓанско здружување по прашања за заштита на животната средина – втемелени во Архуската Конвенција, преку дијалог да се информираат за сите процеси кои на било кој начин предизвикуваат вознемиреност во јавноста. Само со конструктивен дијалог и стручно презентирање на фактите сите загрижености ќе бидат соодветно адресирани. Во таа насока е и нашата безрезервна подготвеност да се формира „Независно Мониторинг Тело“ во кое ќе бидат вклучени заинтересираните граѓански здруженија, локалната управа и експертите за да го следат процесот на реализација и работење на идниот рудник.

Преку нашата секојдневна комуникација со локалното население успеваме да ги адресираме сите загрижености презентирајќи факти и вистински аспекти за работењето на идниот рударски комплекс. На тој начин континуирано низ годините се гради доверба во процесот, што се потврдува и со неодамнешното потпишување на „Меморандум за соработка“ помеѓу Еуромакс Ресоурцес и претставници на повеќе од 300 фамилии од двете најблиски средини Иловица и Штука.

За жал, со денешниот протест се врши груб притисок врз надлежните државни институции за да се принудат наместо да одлучуваат согласно позитивните законски прописи, да ја стават најголемата инвестиција од независноста во дневно политичка агенда. Потенцијалната штета од ваквиот неодговорен пристап би била меѓународна арбитража со најмалку 1 милијарда евра наплатени од македонскиот државен буџет, односно од џебот на граѓаните.

Апсолутно злонамерна шпекулација е дека актуелната Одлука на управните судови, по која постапи Владата, е прва судска пресуда во корист на Еуромакс Ресоурцес. Имено, во март и ноември 2020 година, Управниот и Вишиот Управен Суд со правосилна Пресуда ја прифатија Тужбата на Еуромакс Ресоурцес, воспоставувајќи тогаш цврст судски став за потврдување на правните аргументи за неопходноста од одлучување за спојување на двете концесии.

Во рударскиот комплекс Иловица – Штука ќе се применуваат најбезбедни и најсовремени методи за експлоатација на минерални суровини. Нема никаква основа за било каква грижа дека здравјето на граѓаните и животната средина се под некаква закана. Еуромакс Ресоурсис е компанија, каде клучен инвеститор е глобалниот деловен гигант Групацијата Трафигура, која како врвен приоритет ги имплементира највисоките светски стандарди во рударството. Впрочем и одредени рударски комплекси кои се или биле управувани од Групацијата Трафигура потврдуваат дека рударството и земјоделието може да коегзистираат и да се развиваат заедно. Затоа ние од Еуромакс Ресоурцес силно веруваме во тој „вин-вин“ концепт дека во современи услови рударството, земјоделието и туризмот може паралелно да се надградуваат.

Убедени сме дека планираната инвестиција „Иловица-Штука“ е во најдобар интерес за регионалната и националната економија, како и за локалните управи и нивните развојни буџети. Реализацијата на овој проект ќе донесе многу нови и добро платени работни места, зголемен животен стандард за граѓаните, ефикасно стопирање на болниот процес на иселување од земјата, директно ќе обезбеди современ пристап и финансиски средства за континуирано инвестирање во безбедна и здрава животна средина.

Посебно сме охрабрени од фактот дека во последниве неколку недели во нашата компанија и Инфо Центарот во Иловица, се јавија повеќе од илјада граѓани за да ја препотврдат или да најават нивна заинтересираност за долгорочен работен ангажман. Примивме и многу апликации од наши сограѓани кои во овие моменти се на привремена работа во странство.

Токму затоа, ќе повториме дека инвестицијата „Иловица-Штука“ несомнено ќе овозможи реално остварлив просперитет за подобар живот – сега и веднаш!!!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK