Економско-социјалниот совет денеска на седница треба да ги продолжи разговорите за зголемување на платите во јавниот сектор, откако минатата недела беше договорено Владата да направи нови симулации за пресметка на платите согласно предлозите на синдикатите.
На последната седница беше презентирана Методологијата за раст на платите во јавниот сектор со која се предлага нов транзициски период од 2023 – 2025 година, односно зголемување на платите во период од 2,5 години.
-По конструктивната дискусија меѓу социјалните партнери во однос на предлогот, се донесе заклучок дека периодот на транзиција од 2,5 години е прифатлив, а владините претставници ќе направат нови симулации согласно понудените предлози од страна на синдикатите, соопшти МТСП, оценувајќи дека има напредок во преговорите.
Синдикатите, пак, оценија дека има поместување од „мртва точка“, но оти не отстапуваат од барањата бидејќи за нив не е прифатливо понуденото.
-Ќе видиме во понеделник дали ќе има понова математика од страна на Владата, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски по седницата.
Тој пред почетокот на седницата рече дека за нив се неприфатливи процентите што ги понудила Владата, три проценти на вредност на бод, во услови на 14,5 проценти инфлација, што, нагласи, не е ни блиску до 78 отсто колку што добија функционерите.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков, пак, изјави дека најмалку што во моментов за нив е прифатливо е усогласување на платите во нивните дејности и во јавниот сектор, за 12,55 проценти, односно за онолку колку што во март годинава порасна минималната плата.
-Од таа причина, очекувам тоа да биде разумниот минимум 12,55 проценти за оваа година, и дополнително усогласување на платите за онолку проценти колку што практично инфлацијата ги изеде платите во изминативе неколку години, т.е. минималната плата порасна во однос на реалните плати согласно Колективниот договор, рече Неделков.
Во однос на моделот за пресметкат предлогот на синдикатите е минимална плата помножена со коефициент на сложеност на работни места, а на Владата е просечна плата помножена со соодветен коефициент на сложеност, што, според Неделков, „значи дека се тука некаде“.
Буџетираните средства не се за на хартија, тие треба да се реализираат, за да може да се поттикне економската активност, изјави вечерва министерот за финанси, Фатмир Бесими, во гостување на Т
Министерот за финансии фатмир Бесими викендот на брифинг со медиуми рече дека се оди кон решение, истакнувајќи дека е клучно што тоа ќе биде системско, но оти е важно да се дефинираат платите и транзицискиот период.
-Во интензивна комуникација сме, ќе се сретнеме во понеделник, можеби уште еднаш во текот на неделата. Одиме кон решение. Имаме платформа на која разговараме. Начелно, принципиелно сме согласни, одиме кон тоа како да го дизајнираме пакетот и клучно е да има системско решение во Општиот колективен договор и да се дефинира динамиката на платите. Ќе има унифициран систем. Сега има различни методи, разни модели, последниот е минимална плата плус бодови. Имаше размислување и кај нив дали да биде минималната плата или просечната плата, повеќе беа за просечна плата. За нас беше како бара Синдикатот така да го прилагодиме моделот. Последно што се разговара е за со просечната плата и ни треба период на транзиција да влезе во тој систем. Коефициент со просечна плата и период на транзиција, рече Бесими на брифинг со медиумите.
Знам, рече Бесими, дека е голем социоекономскиот притисок, но моја задача е да кажам кој ми е капацитет. -Тоа што го имаме кажано за Буџетот во Парламент тоа е. Вкупно милијарда евра, односно 960 милиони, зема плата од Буџетот јавниот сектор. Десет проценти ќе значи скоро 100 милиони евра плус. Но, затоа зборувам дека одиме кон решение, затоа ни треба транзициски период, појасни Бесими.
Од државните институции, генерален штрајк најавија вработените во Управата за јавни приходи кои бараат зголемување на платите за 30 проценти, коешто може да се реализираа со нов колективен договор за којшто треба да добијат согласнот за потпишување од Министерството за финансии. Минатата недела почнаа разговори на раководството на УЈП и синдикатот со помирувач со цел да се најде решение.