Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија
Членките на Управниот одбор на Стопанската комора, одржаа седница на која се дискутираше за актуелната економска состојба во државата која ја зголемува и онака присутната неизвесност на реалниот сектор. Да се биде во чекор со настаните несомнено бара голем ангажман, визионерско размислување, како и соодветни технички и кадровски потенцијали за да се одговори на барањата и потребите на компаниите. Што значи, подготвени сме заедно со сите носители на економските политики да изградиме просперитетна држава и не се откажуваме од таа цел.
- Стопанската комора на Северна Македонија останува на позициите на кои беше, е и ќе биде дека е независна, непрофитна и невладина институција која функционира со една цел – креирање предвидлив амбиент за водење бизнис, поголем профит и отворање на нови работни места.
- Сите бизнис организации во нашата држава се наши партнери кои ја остваруваат истата наша цел и со нив соработката ќе се интензивира.
- Декларацијата за општествен консензус за економски реформи во наредните десет години е најдобрата почетна точка за промените, а договорот за соработка меѓу приватниот и јавниот сектор треба да е старт на процесот кој ќе не доведе до европските стандарди, владеење на правото и пазарната економија.
Идентични „фаци“ на претседателот на СКСМ и претставникот на Европската Унија Аиво Орав. Сериозен поглед, раката на уста, загрижени лица.
- Управниот одбор на Комората потенцира дека нашите членки редовно ги извршуваат своите финансиски обврски кон државата, и затоа бараат:
А) Истото тоа (редовно плаќање на финансиските обврски) да го прави и државата кон нив и да го преиспита конечно, нашето децениско барање за промена на член 218 од Законот за извршување.
Б) Прецизна примена на концептот даночен календар во кој нема да има промена во даночната регулатива доколку истата не е најавена шест месеци пред стапувањето во сила, а со која се воведуваат нови финансиски обврски спрема компаниите.
В) Конечно да се определи рок за да се елиминираат “парафискалните” давачки.
Г) Прецизна агенда за промена на структурата на буџетот кој со 47,3% социјални трансфери не дава гаранција за развој.
Д) Целосна имплементација на Стратегијата за извозот 2024-2027 година;
Ѓ) Прецизно утврден рок за реформи во јавната администрација со воведување на мораториум на нови вработувања и врзување на нивните плати со растот на БДП.
Е) Радикално скратување на трошоците на буџетот за непродуктивни трошења.
Ж) Стопанската комора бара законска одредба дека на секој економски закон ќе мора да се направи анализа после шест месеци од неговата примена.
Комората повикува на почитување на врвниот принцип на лојалност кон државата, а сите наши членки и поединци се должни да го следат примерот на оние наши претставници кои тоа јавно го направија.
П.С. Во минатата моја колумна најавив дека Комората работи и на предлагање на големи инфраструктурни проекти за искористување на компаративните предности на Македонија. Управниот одбор формира група на експерти кои заедно со Стручната служба на Комората ќе предложат соодветни решенија. На сликите подолу гледате мала статистика за железницата и веќе изградениот нафтовод.