Донација на ОКТА за топол дом на младинците од СОС Детско село

Foto_1 (1)
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Скопје, 11.01.2024 – Со донацијата на 6.000 литри екстра лесно масло за греење, компанијата ОКТА по втор пат го обезбеди вкупното годишно количество гориво потребно за затоплување на една од куќите на СОС Детско село, во која живеат младинци без родителска грижа.

„Ни претставува особено задоволство што втора година по ред имаме можност да помогнеме во обезбедувањето топол дом за младите згрижени во СОС Детско село. Со оваа донација ќе биде задоволена вкупната годишна потрошувачка на гориво за греење на младинската куќа лоцирана во Радишани. На овој начин ОКТА продолжува со реализација на својата заложба да биде одговорен член на заедницата, обезбедувајќи подобри услови за живот за најранливите категории граѓани“, изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност во ОКТА АД – Скопје.


Во младинските куќи на СОС Детско село се згрижени младинци на возраст над 14-годишна возраст, каде оваа хуманитарна организација им обезбедува 24-часовна поддршка, грижа и помош, со цел младите да се подготват и оспособат за целосно независен и самостоен живот, како и нивна понатамошна  ефективна интеграција во општеството.

„Благодарни сме што низ повеќегодишната соработка на неколку проекти, ОКТА прерасна во вистински долгорочен партнер на СОС Детско село. Таквите партнерства се особено значајни и драгоцени за нас, затоа што на организацијата ѝ овозможуваат полесно и долгорочно да ги планира своите активности, за децата да можат безгрижно да им се посветат на своите дневни обврски во образованието, но и да се подготват за вклучување во заедницата како самостојни личности“, истакна Силвија Брајовиќ, раководител на фондот за собирање средства од СОС Детско село Македонија.  На донаторскиот настан кој што се случи денес во младинската куќа во Радишани  учествуваа и кошаркарите Војдан Стојановски и Дамјан Робев од националната кошаркарска репрезентација кои се дружеа со младинците згрижени во СОС Детско село и разговараа за тоа како се станува успешен спортист.

Младинците добија потпишани кошаркарски топки и дресови, а беа поканети да присуствуваат на претстојните репрезентативни натпревари кои ќе се одиграат во Скопје. ОКТА е главен спонзор на националната кошаркарска репрезентација во претквалификациите за Олимписките игри 2024 и во квалификациите за Евробаскет 2025.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK