Првиот вицепремиер на Владата на Република Северна Македонија, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик министерот Беким Реџепи, заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми и директорот на ЈП за одржување на магистралните и регионални патишта, Костадин Ацевски, денеска извршија увид на рехабилитација на автопатската делница Скопје – Тетово, дел од инвестицискиот циклус на Владата за изградба и модернизација на европскиот Коридор 8.
Се рехабилитираат оштетените делови од автопатската делница Скопје – Тетово, инвестиција со вкупна вредност од преку 470 милиони денари, а воедно се поставуваат и звучни бариери на делови од автопатот.
При увидот тие истакнаа дека модернизацијата на Коридорот 8 ќе донесе многу бенефити и позитивни импликации врз економскиот развој.
„Правиме увид на сите градежни активности на Коридорот 8, почнувајќи од заштитните бариери пред првата патарина кај населеното место Кондово и сега сме тука кај Тетово, дел кој се рехабилитира од страна на Јавното претпријатие за државни патишта. Можам да констатирам дека како што се работи во овие години во однос на инфраструктурата, никогаш не се работело. Се работи буквално во секој регион од државата и за тоа сакам да им честитам на министерот Бочварски и на директорите Рустеми и Ацевски за посветената работа. Коридорот 8 се гради, стариот пат се рехабилитира, а новиот треба да започне со градежни активности на средината на септември. Во овој мандат ги заокружуваме најголемите проекти во инфраструктурата во државата“, изјави првиот вицепремиер во Владата, Артан Груби.
Министерот Бочварски истакна дека модернизација на Коридорите 8 и 10-Д е стратешки приоритет на оваа Влада.
„Сите активности кои ги видовме денеска се во насока на подобрување на патната инфраструктура во земјата, безбедни патишта се наш врвен приоритет и интерес. Активно работиме на рехабилитација на овој автопат од Скопје кон Тетово, но работиме и на две позиции на автопатот на Коридорот 10, правците Демир Капија – Неготино и Катланово – Петровец. Исто така работиме на рехабилитација и на 5 позиции на 5 гранични премини, тоа се патните правци кон Бугарија, Косово, кон Грција кај Битола, Струга – Ќафасан, практично насекаде низ државата се работи со силна динамика. Го поздравувам овој напредок, дефинитивно ова го заслужуваат нашите граѓани, го заслужуваме сите“, изјави министерот Бочварски.
Директорот Рустеми истакна дека оваа година имаат најобемна програма во изградба и рехабилитација на патната мрежа во земјава.
„Програмата на ЈП за државни патишта за 2023 година е амбициозна, во која имаме предвидено изградба на нови патишта, рехабилитација, модернизација и одржување на автопатиштата и останатите државни патишта. Активно ги следиме активностите на овој дел од Коридорот 8, каде имаме предвидено рехабилитација на најоштетените делови од делницата Скопје – Тетово, за која од буџетот издвоивме 7,5 милиони евра. Би сакал да известам дека по оваа рехабилитација кај клучката Брвеница, продолжуваме со градежни активности на рехабилитација на влезот кон Скопје, а во наредниот период ќе започнеме и со модернизација на патарините кај Глумово и Желино. Продолжуваме со сите активности, сите сме сведоци на засилената и активна градежна офанзива.“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Вицепремиерот Груби, министерот Бочварски, заменик министерот Реџепи, заедно со директорите Рустеми и Ацевски работната посета во Тетово ја заокружија со посета на саемот за вработување во организација на компанијата Бехтел.