Апсурдите на нашата безидејност – ни претстои ли пресврт?

Branko Azeski, pretsedatel na SKSM
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пишува Бранко Азески, претседател на СКСМ

Некако полека се исцртуваат контурите на пакетот на мерки за поддршка на бизнисот што веројатно мандатарот за состав на новата Влада ќе го понуди на бизнисот. Тоа ќе биде, претпоставувам, пакет мерки со кои ќе се обиде да го оствари своето ветување за раст на БДП.


Спорадично, се нафрлаат информации кои што најавуваат силна поддршка за домашните компании за да се поттикнат да влезат во нов инвестициски циклус и со тоа да отворат нови работни места и да го спречат иселувањето од земјата. Мандатарот тоа го има дефинирано најдобро во својата изборна платформа во која нагласува: „Оваа програма е срочена да гарантира целосно функционирање на системот, заштита на македонските национални интереси, квалитетно образование како и модерен здравствен систем“.

Како што јас ги разбирам работите, тој е обврзан со 436 407 гласови да ги направи конечно неопходните промени и да ги отвори перспективите на државата. Но, реченицата е многу прецизна-квалитетно образование и модерен здравствен систем. Претпоставувам дека конечно тие два ресори ќе бидат на чело на листата на министерства, а не министерствата за одбрана и за внатрешни работи. Понатаму, заштита на македонските национални интереси-претпоставувам дека се однесува на спречување на иселувањето на младите, заштита на рудното и минерално богатство, окрупнување на земјиштата, мелиорација, искористување на компаративната предност на трансфезалата Србија-Грција што поминува низ нашата држава.

Целосната, пак, функционалност на системот, според мене, подразбира претходно расчистување со апсурдите на нашата безидејност кои се намножени како печурки после дожд. Еве неколку примери:

  1. На почетокот од осамостојувањето многу јасно се виде дека ние секогаш играме „наопаку“. За тоа постојат и причини. Нашиот комплекс на помала вредност кој се изразува во постојното зборување за големи проекти, а малите поминуваат покрај нас. Дека постојано не мачат некои заговори против нас. Дека претпладне зборуваме за светската геополитика, а вечерта кршиме глави по кафеаните. За другиот ден претпладне  да зборуваме за зелената агенда, а попладне со „мотики по глава“ ги решаваме меѓусебните спорови за меѓите.
  2. Увезуваме Непалци и Пакистанци, а не можеме да ги спречиме нашите квалификувани луѓе да не заминат во Западна Европа. Триесет години водиме борба против корупцијата, а корупцијата ни цвета. Од округли маси, панели, конференции и работни групи заборавивме на конкретните мерки како што се оставките, одговорностите, етичките кодекси, моралните вредности итн. Милиони документи кружат низ државата за судири на надлежности малтретирајќи илјадници бизнисмени и граѓани на „смешни функции“ кои на Запад и не постојат  и наместо енергична акција даваме препораки и мислења итн.
  3. До кога ќе се толерираат апсурдите со десет годишната изградба на автопатот за Охрид, кога само за десет дена ја размонтиравме железничката пруга Кичево –Охрид, која можеше да биде искористена за туристички атракции или за локални потреби. Или пак, излезот ќе го бараме во селскиот туризам, кој овде функционираше пред педесет години, измислувајќи топла вода во триесеттите години на 21 век. Кога зборувам за апсурдите, да кажам и дека имаме 14 институции во јавниот сектор кои немаат вработени, а имаат директор. Покрај нив, постојат уште 14 други институции кои имаат само еден вработен. Ова не само што е нерационално, туку ја поткопува и ефикасноста и функционалноста на јавниот сектор. Ваквите апсурди мора да се елиминираат за да се постигне вистинска промена и напредок во нашето општество. И најголемиот апсурд, најголемиот непријател за јавната администрација е бизнис секторот, а токму бизнис секторот преку даноците ги исплаќа платите на јавната администрација.
  4. И на крајот, ако сакаме да развиваме туризам, зошто дозволуваме да се продаваат лажни охридски бисери и кафеаните да нудат босански, наместо охридски пастрмки.

Значи определбата на новата Влада за силна поддршка на бизнисот мора да биде проследена и со енергична акција на целата општествена надградба за елиминирање на апсурдите. За ова да не е демагогија, најголемата бизнис заедница во државата е подготвена за преговори со новата Влада-доколку добие прифатлива понуда, јавно да се обврзе колку нови работни места ќе отвори и колкави инвестиции ќе продуцира во периодот во кој ќе биде поддржана. Затоа мислиме дека е фер однос и претставува нов приод во соработката меѓу јавниот и приватниот сектор.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK