Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Будимпешта по разговорот со Виктор Орбан изјави дека не седи на две столчиња, туку на едно, на српското, бидејќи се бори исклучиво за интересите на Србија.
Коментирајќи го написот на „Тајмс“ во кој соговорниците на британскиот весник го нарекуваат „Ал Капоне на Балканот“, претседателот на Србија рече дека тоа е пример за кампања против него.
„Дојде до крајот на седењето на Вучиќ на две столчиња, ги изневери сите, но сега е готово, а јас никого не изневерувам ниту еден момент, ниту цело време. На сите им велам едно и исто, ние имаме српско столче и јас се гордеам со српската фотелја, не ми е гајле за вашите столчиња, имајте две, пет, десет, не ми е гајле, ние ја сакаме нашата фотелја, немојте да ја тресете нашата“, рече Вучиќ.
Вучиќ потоа се осврна на соседите на Србија, велејќи дека во некои земји се прашуваат амбасадорите за се, но не прецизираше на кого мисли.
„Дали би бил добар да сум нечиј слуга и да исполнувам нечии желби и наредби. Мојата политика е независна Србија, да на патот кон ЕУ, но да се грижиме за нашата иднина, нашите деца, а не да дозволиме некој друг да одлучува за нас на дневна основа што ни е политика. Погледнете некои земји во околината, на нив некој им одлучува кој ќе прави кафе во нивните влади, и така ги нарекуваат амбасадорите на некои земји, кои кај нас не смеат ни да прашаат нешто“, рекол Вучиќ.