Тешката сообраќајна несреќа во Грција, во која загинаа три лица, се случила кога возачот на автомобил со грчки таблички заспал на воланот и удрил во автобус со српски туристи, изјави за „Н1“ директорот на националната асоцијација на туристичките агенции во Србија, ЈУТА, Александар Сеничиќ.
Како што рече, по судирот, возачот на автобусот успеал да избегне столб покрај коловозот и се превртел. При превртувањето дошло до судир со друг автомобил.
Тројца од жртвите биле во автомобилот кој прв удрил во автобусот, потврди Сеничиќ за грчките медиуми.
Тој вели дека голем број патници на нишката агенција „Ski&sun travel“ се повредени и дека се префрлени во болниците во Солун и Поликастро.
Претседателот на ЈУТА додава дека има луѓе со скршени раце и нозе, но засега нема информации за жртви меѓу српските туристи.
Портпаролот на противпожарната бригада, Џанис Артопојос изјави дека од еден од двата автомобили биле извадени трите загинати лица. Од истиот автомобил е извадено и четврто тешко повредено лице. Од вториот автомобил се извлечени две повредени лица. Вториот автомобил го управувала Србинка со дете, пишува грчкиот портал „Екатимерини“.
Грчкиот весник „Катимерини“ јавува за околу 20 повредени лица во туристичкиот автобус, додека претходно дел од грчките и српските медиуми објавија дека се повредени 40 луѓе.
Според портпаролот, во автобусот имало 78 патници, српски туристи кои заминале на одмор во Аспровалта, во регионот на Солун.
Според возачот на автобусот, автомобилот со четворица патници се движел во спротивен правец кога наеднаш удрил во автобусот. Автобусот се превртел и паднал во канал покрај патот. Автомобилот со четворицата патници е целосно уништен.
Оваа сообраќајна несреќа се случила на самиот влез, односно на излезот од Грција, во близина на граничниот премин Евзони, на дел од патот кој не е автопат.
Во тој дел, кој многу возачи го сметаат за многу небезбеден, средината на патот често се користи за заобиколување во двете насоки, а побавните возила се движат во лентата за застанување за да направат место за оние кои брзаат, пишува „Н1“.