Во пресрет на вториот круг од претседателските избори во Турција Киличдароглу вети враќање на мигрантите во нивните земји

turcija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Главниот ривал на турскиот претседател Таип Ердоган на претседателските избори, лидерот на опозициската Републиканско народна партија (ЦХП), Кемал Киличдароглу, денеска го заостри тонот кон мигрантите, изјавувајќи дека доколку биде избран за претседател на Турција во вториот круг од изборите, закажан за 28 мај, ќе ги врати во нивните земји.

Киличдароглу, како кандидат на шестпартискиот опозициски блок, на изборите во неделата освои 45 отсто од гласовите, а актуелниот претседател 49,5 отсто, повеќе од очекуваното и за малку не успеа да го освои мнозинството за да го избегне вториот круг.


На трето место е изненадувањето на изборите, националистичкиот кандидат Синан Оган со освоени 5,2 отсто од гласовите, кој е поддржан од антиимигрантската партија, а може да се покаже како предност во претседателското „доигрување“.

Обраќајќи им се на партиските колеги во седиштето на ЦХП, Киличдароглу ја критикуваше мигрантската политика на Ердоган.

-Ердоган, намерно дозволивте десет милиони бегалци да влезат во Турција. Продадовте турско државјанство за да обезбедите гласови, обвини Киличдароглу.

Според официјалните податоци, во Турција живеат четири милиони бегалци, со што тоа е најголемата бегалска популација во светот.

-Од овде објавувам дека кога ќе бидам избран за претседател, ќе ги вратам бегалците во нивните земји, рече Киличдароглу.

Тој во предизборната кампања најави дека планира во координација со Обединетите нации да ги врати Сиријците дома во рок од две години по постигнувањето на договор со сирискиот претседател Башар ал Асад околу нивната тамошна безбедност.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK