Бугарија продолжува со, како што ја оценуваат македонските здруженија во Албанија, агресивната политика на асимилација на Македонците во трите области населени со етнички Македонци, Преспа, Голо Брдо и Гора.
-Последната од низата бугарски обиди Македонците да се претстават како Бугари, е посетата на европратеникот Андреј Ковачев на областа Гора, округ Кукс, заедно со бугарскиот амбасадор и други претставници на амбасадата во Тирана. Ветиле помош во повеќе области а разговарале и околу пописот на населението, што во Албанија ќе почне на 18 септември и секако за олеснителните можности за добивање бугарски пасоши. Ползувајќи ја тешката економска состојба на Македонците во оваа област, од каде се помасовно е заминувањето на младите во земјите на ЕУ и во Велика Британија, повеќе од јасно е на кој начин Бугарија наоѓа свое малцинство, велат претставниците на македонските асоцијации.
За средбата објава има и од владиниот Комитет за национални малцинства, чиј член како претставник на бугарското малцинство е Милена Селими, која наведува дека „во продолжение на посетата на Албанија, Ковачев ја посети Гора, една од областите каде живеат 3.000 жители, голем дел од нив од бугарското малцинство“.
На средбата во селото Пакиште, Селими, истакнала дека Комитетот за национални малцинства ќе ја продолжи својата мисија за заштита на правата на секое малцинство, загарантирани со Уставот на Албанија и е отворена врата за секој кој се чувствува дискриминиран.
– На средбата се разговараше за важни прашања како што се подобрувањето на инфраструктурата, прекуграничните проекти со Косово, слободното движење на граѓаните во прекуграничните подрачја, пописот на населението и домаќинствата, засилување на педагошките структури кои ќе помогнат во учењето на бугарскиот јазик, правната рамка, европските проекти и поддршката на Бугарија за областите каде што живеат бугарските малцинства и слично, стои во објавата.
На средбата присуствувале бугарскиот амбасадор Ивајло Киров, претставникот на амбасадата Асен Пачев, аташето Марија Пеева, конзулот Благој Петров, како и администраторот на административната единица Гора, Дашнор Влацај.
Ковачев остварил средби и со префектот на округот Кукс, Али Халачи, претседателот на Советот на општина Кукс, Алберт Муја, со кои разговарале за „нови проекти во инфраструктурата, образованието, туризмот, кои ги засегаат и области на Гора, каде што живее бугарското малцинство“.
Европратеникот Ковачев изјавил дека Бугарија и Албанија ги интензивираат односите на различни полиња на соработка и уште еднаш ја гарантираат непоколебливата поддршка на групацијата на Европската народна партија (ЕПП), која останува силен поддржувач на процесот на проширување и јасната европска перспектива на Албанија.