Осуммина мигранти се во кома откако беа пронајдени во напуштен автобус на автопатот Тракија во Бугарија.
Дојавата за напуштен автобус на околу еден километар пред тунелот „Трајанова порта“ во правец кон Софија е поднесена утрово во 9 часот и 30 минути, соопшти Итната помош во Софија.
На местото на настанот се испратени пет возила на брза помош, пренесува Новините.
Полицијата утврдила дека во автобусот имало околу 30 мигранти, од кои осум се во тешка состојба.
Биле без свест и дехидрирани.
Вкупно 18 мигранти од напуштениот автобус се примени во различни болници, не само во Софија, туку и во Пазарџик, соопшти итната помош.
Потрагата по возачот е во тек, соопшти софиската окружна обвинителка Наталија Николова-Бончева.
Претходно денеска уште осум мигранти беа повредени во сообраќајна несреќа меѓу селата Челник и Победа, потсетува бугарскиот портал.
Сите се мажи на возраст од околу 25 години. Тие се изјасниле како државјани на Сирија.