Уапсени пет полицајци во Грција под сомнение дека помагале нелегален влез на мигранти во земјата

policija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Грчката полиција од северниот дел на земјата уапсила петмина полицајци под сомнение дека соработувале со мрежи на криумчари од Турција и во најмалку 12 случаи олесниле влез во Грција на непознат број нелегални мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

Според медиумите во Грција, станува збор за гранични полицајци кај Еврос во близина на границата со Турција, а од грчката полиција соопштија дека уапсените се осомничени за кривични дела поткуп на вработен, злоупотреба и непочитување на службена должност, прекршување на кодексот за миграција.


Поконкретно, од истрагата на полицијата произлегло дека полициските службеници, најмалку од октомври минатата година, стапувале во контакт со мрежи на криумчари активни во соседна држава, вршеле дејствија или пропусти со цел да го олеснат влезот во Грција на државјани на трети земји.

-Од комбинираната анализа на собраниот материјал произлезе дека горенаведените во најмалку 12 случаи олесниле нелегален влез на грчка територија на непознат број државјани на трети земји, соопштија од полицијата.

Паралелно биле откриени и конфискувани 26.550 евра, 59 мобилни телефони, 2.120 американски долари, 850 турски лири, 23 британски фунти, 77 романски леи, како и банкноти од азиски земји.

Уапсените денеска ќе бидат изведени пред јавен обвинител.

Претседателот на граничните полицајци од Еврос Хрисоваландис Галамас за грчката телевизија „Скај“ изјави дека се шокирани од фактот што секојдневно биле заедно во првите редови без да сфатат дека уапсените полицајци соработувале со криминални мрежи на криумчари.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK