Месецот август бележи висока фреквенција на граничниот премин „Ќафасан” со Македонија, каде од почетокот на месецов функционира заедничко управување на граничните и царинските контроли со едно застанување, јави Топ чанел.
Во последните 24 часа преку овој премин на албанска територија за влез се регистрирани 2890, додека на излез 2057 патници.
– Главно станува збор за иселеници или странски државјани, кои доаѓаат на одмор во Албанија или кои заминуваат по завршувањето на одморот. На овој премин поради големата фреквенција во одредени периоди од денот има задржувања и до еден час од македонска страна за што е потребно зголемување на шалтерите, кои во моментов ги има три, наведува телевизијата.
Од 1 август досега повеќе од 70 илјади лица се регистрирани за влез и излез, од нив за влез од Северна Македонија во Албанија се околу 42.000 албански и странски државјани.
За неколкупати зголемена фреквенција има и на другите гранични премини на албанско-македонската граница. Тоа пред се на „Блато” кај Дебар, зашто по изградбата на автопатот „Руга е Арбрит” (патот на Арбр) оддалеченоста од преминот до Тирана е намалена на 80 од претходните над 180 километри.