Светска банка: 50 милиони долари заем за Босна и Херцеговина; загадувањето убива над 3.000 луѓе годишно

bosna-zagaduvanje
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Светската банка (СБ) денеска и одобри заем од 50 милиони долари на Босна и Херцеговина, наменет за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот, кое секоја година предизвикува илјадници предвремени смртни случаи во таа земја.

Како што најавија од канцеларијата на СБ во Сараево, заемот треба да се искористи за намалување на емисијата на честички прашина со дијаметар помал од 2,5 микрометри кои се таложат во респираторниот тракт, што доведува до респираторни инфекции, рак, кардиоваскуларни заболувања и прерана смрт.


Според податоците на Светска банка објавени претходно, во БиХ се евидентираат најмалку 3.300 случаи на прерана смрт предизвикана од болести поврзани со загадениот воздух на годишно ниво. Ова е речиси 10 проценти од вкупниот број на смртни случаи на годишно ниво, а загадениот воздух е виновник за уште илјадници случаи на респираторни и кардиоваскуларни заболувања.

Главен извор на загадување е греењето во домаќинствата со учество од приближно 50 проценти бидејќи претежно се базира на цврсто гориво како што е јагленот, а транспортниот сектор учествува со околу 20 проценти.

Претставниците на Светска банка посочуваат дека дополнителен проблем во БиХ е тоа што институционалната рамка за управување со квалитетот на воздухот е фрагментирана, па секој ентитет или жупанија во Федерацијата БиХ води своја политика по ова прашање.

Средствата од заемот треба делумно да се искористат и за воспоставување на сеопфатен систем за управување со квалитетот на воздухот, додека најголемиот дел од одобрените средства треба да се искористат во Тузланскиот, Зеничко-добојскиот, Херцеговско-неретвански и Сараевскиот кантон, што вклучува директни инвестиции во греење на домаќинствата и транспортни активности, за да се помогне во намалувањето на емисијата на ситни честички од прашина за 19 илјади тони.

Ова намалување ќе се постигне преку инвестиции во одржливо греење и мерки за енергетска ефикасност, во проширување на велосипедската инфраструктура, поддршка за зони со ниски емисии, како и набавка на возила за урбан транспорт со почист погон за Сараево.

Светска банка сега финансира 13 проекти со вкупна вредност од околу 770 милиони долари, кои се потрошени за здравство, модернизација на патишта, вработување и социјална заштита, енергетска ефикасност, локална инфраструктура, земјоделство и животна средина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK