Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља информира дека во полициска акција денеска на северот од земјата е уапсено лицето Милун Миленковиќ – Луне, за кого вели дека е еден од организаторите на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција за време на неодамнешните протести на косовските Срби во Звечане, јави дописникот на МИА од Приштина.
Свечља на својата страница на Фејсбук напиша дека Миленковиќ, кој е еден од водачите на нелегалната организација, која ја сочинуваат локални Срби, позната како „Цивилна заштита“, со години ги тероризира граѓаните во тој дел од државата.
„ Косовската полиција денеска го упаси Милун Миленковиќ – Луне, еден од водачите на криминалната формација „Цивилна заштита“ и водач на криминални банди кои со години ги тероризираат нашите граѓани, ги напаѓаат припадниците на косовската полиција и институциите на Република Косово. Истиот беше главен организатор на нападите врз припадниците на КФОР и Полицијата на Косово во Звечане“, напиша Свечља.
Тој информира дека при апсењето на Миленковиќ косовската полиција била нападната, при што тројца полицајци се полесно повредени.
„ Како што постојано нагласувам, времето на криминалните банди на северот на земјата е завршено. Сите лица или криминални групи кои дејствувале против безбедноста и уставниот поредок на Република Косово ќе се соочат со правдата. Републиката нема да се повлекува“, порача Свечља.
Во време на акцијата на полицијата, која се изведе денеска околу пладне, во Северна Митровица се огласија сирени за узбуна, по што уследи собирање на граѓани кај тамошното Техничко училиште, додека единица на специјалната полиција на Косово се стационира во оближното Бошњачко маало.