Судството на Босна и Херцеговина добило од шведскиот Интерпол барање за екстрадиција на убиецот на шефот на нарко картелот од Шведска, Харис Остердал, пишува Аваз.
Остердал беше убиен во ноември минатата година во сараевската населба Ступ од страна на Маџид Овеит, државјанин на Шведска. Тој и уште двајца Швеѓани се уапсени по убиството. На ликвидацијата на Остердал во Сараево и претходеа низа насилства и вооружени конфронтации во Шведска, но и во Турција.
Во Судот на Босна и Херцеговина за утре е закажано рочиште за екстрадициската постапка против Маџид Овеит, пишува Аваз, на кое ќе биде разгледано барањето.
Маџид Овеит е во притворското одделение на Казнено-поправниот дом Зеница од ноември, како и двајца други шведски државјани Херберт Оливер Петер и Конард Тајлус. Сите тројца се осомничени за убиството на Остердал.
Денеска ќе се разговара и за продолжување на притворот за тројцата шведски државјани.
Бранот на насилства започна по пукањето во истанбулскиот кварт Маслак на 6 септември 2023 година. Двајца непознати вооружени мажи на мотоцикли отворија оган врз група луѓе кои седеа во кафуле, а тие возвратија. Напаѓачите успеале да побегнат. По пукањето, групата од кафулето влегла во комбе и го напуштила просторот. Утврдено е дека комбето е регистрирано на шведски државјанин идентификуван како И.А. (33).
После тоа, полицијата го уапсила возачот на комбе К.К. (47) и шведските државјани Ричард Ичо Маркус (23), Мевлудин Мехоњиќ (31), Елвира Мутиќ (22) и Салах Ал-Зубеиди (24) од Норкопинг, како и Харис Остердал (30), пишува „Клих.ба“.
Според шведските медиуми, Остердал и претходно бил осуден за тешки кривични дела поврзани со дрога и оружје. „Тој веќе неколку години е добро позната личност во светот на стокхолмските банди“, пишуваат шведските новинари кои го поврзуваат со голем конфликт во криминалната мрежа Фокстрот.