Поранешниот претседател на Уставниот суд на Албанија Башким Дедја казнет поради прикривање имот

dedja
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Специјалниот првостепен суд за корупција и организиран криминал, ГЈККО, му изрече условна казна во траење од една година на поранешниот претседател на Уставниот суд на Албанија, Башким Дедја, поради прикривање имот.

Специјалното јавно обвинителство, СПАК побарало една година затвор, но судот одлучил казната да биде 6 месеци затвор, која била преиначена во условна казна во траење од една година.


Од претседателската функција беше разрешен во декември 2018 година, откако не го мина ветингот во неможност да го објасни потеклото на својот имот.

Првата проверка за потеклото на имотот ја мина на 13 јуни истата година, но Јавниот комесар, посебна институција формирана во рамки на ветингот, на 26 јули ја обжали одлуката на комисијата, по што не ја мина втората проверка.

Станува збор за два стана, еден во Тирана и еден во Голем и заем од 10 илјади евра.

– За станот од 146 квадратни метри во Тирана имам кредит кој е со време на отплата до 2033 година, додека станот во Голем е во сопственост на брат ми. Што се однесува до сумата од 10.000 евра тие ги позајмив од шурата(братот на сопругата) кој работеше во странство во 2000 година а во тие години не се пријавуваа приходите од емиграција, изјавил Дедја пред поротата.

Инаку, поради не поминување на проверката за потекло на имотот и вмешаност во криминални активности или попознато како ветинг, што почна во 2017 година, Уставниот суд на Албанија не функционираше околу три години, бидејќи овој процес не го минаа шестмина од вкупно девет судии колку што брои судот. Идентична беше стојбата и со Врховниот суд. И двете институции почнаа да функционираат на почетокот на 2021 година.

Во изминатиот период над 800 субјекти биле опфатени со ситото на проверка. Притоа донесени се 491 решение, од нив 183 потврдени со кои субјектите остануваат на функцијата, а разрешени се 273 судии и обвинители, поради што се чувствува дефицит на овој кадар.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK