Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ зборувајќи за случајот со студентките кои во Сараево ги величеа воените злосторници и Ратко Младиќ, по што своето образование со српска стипендија ќе го продолжат во Белград, и барањето од министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Елмедин Кокановиќ Дачиќ да се изјасни дали тоа е официјален став на Србија, Дачиќ рече дека станува збор за „двојни стандарди“, јави дописникот на МИА од Белград. – Сега имате дали некој вербално или на некој начин поддржал некој кој бил осуден, обвинет или осомничен за воени злосторства. А, не гледате друга работа и не сакате да кажете и признаете, но можете да ни објасните што значат изјавите на Насер Ориќ за кого има докази дека извршил воени злосторства над Србите и кого нашиот суд го тужи за тоа, рече Дачиќ. Тој праша што значи изјавата на Ориќ „дека се почнало на Дрина и дека се ќе заврши на Дрина“, како и дали е тоа „доказ за големата мировна политика што се води во Босна и Херцеговина“.
Претходно шефот на дипломатијата на БиХ Елмедин Конаковиќ во писмо упатено до Дачиќ побарал официјален став на Србија во врска со најавата дека српските институции се „подготвени да го стипендираат величењето на воените злосторства“, соопшти Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина. Во писмото, Конаковиќ најостро ги осудува настаните предизвикани од величењето на Ратко Младиќ, осуден за воени злосторства во Босна и Херцеговина и ги оцени како неприфатливи постапките на двете студентки од Босна и Херцеговина, Валентина Вујичиќ и Слаѓана Тодиќ, кои ги величеа Младиќ и воените злосторства на социјалните мрежи. – Изненаден сум што наместо осуда на ваквото однесување, од медиумите дознав дека како награда, не за нивниот посебен ангажман во академска смисла и добрите резултати, туку за величење на воените злосторства, Србија реши да им даде стипендија за продолжување на образованието во Белград, напиша Конаковиќ во писмото.
„Очекувам пристап на почит кон жртвите и сочувство за семејствата на убиените во геноцидот во Сребреница, а не пристап во кој српските институции обезбедуваат засолниште и ги наградуваат оние кои ги величаат воените злосторства и злосторниците“, изјави министерот за надворешни работи на БиХ.