Парламентарни избори во Грција: постизборна коалиција по 21 мај или втори избори во јули

atina_3453534
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Постизборна коалиција меѓу партиите или нови избори на почетокот на јули, се двете доминантни сценарија во Грција по парламентарните избори закажани следната недела, со оглед на тоа што ќе се спроведе пропорционален изборен систем, кој ќе донесе победник, но веројатно без да има можност да формира еднопартиска Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Новиот систем што ќе важи само за овие избори не предвидува бонус од 50 пратеници за партијата победник, како што беше случај досега и токму затоа, се поверојатно е сценариото дека земјата ќе оди на втори избори, на почетокот на јули.


За да се избегнат втори избори потребно ќе биде или првата партија да победи со висок процент или да се формира коалиција, а МИА ги анализира двата изборни системи во Грција, но и можните сценарија.

Изборниот законик во Грција, во изминатите години беше два пати променет, во 2016 година за време на Владата на СИРИЗА кога се изгласа пропорционалниот систем и се укина бонусот од 50 пратеници и во 2020 година за време на Владата на Нова демократија, кога одново се врати бонусот системот за првата партија, што ќе се примени на следните избори, по оние на 21 мај.

Првиот, пропорционалниот систем што ќе важи на 21 мај, ги фаворизира коалициските Влади, вториот, мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност, е во корист на еднопартиските Влади.

Според пропорционалниот модел, за да може победникот на изборите в недела да формира еднопартиска Влада, потребно ќе биде да обезбеди најмалку 151 пратеник кои ќе бидат од гласовите на граѓаните, односно ќе треба да добие голем број гласови околу 45 отсто.

На последните избори во 2019 година, Нова демократија победи со 39,85 отсто, формираше еднопартиска Влада со 158 пратеници, од кои 50 беа од бонусот предвиден со претходниот изборен законик.

Согласно последните истражувањата на јавното мислење Нова демократија не добива повеќе од 33-34 отсто од гласовите.

Доколку не се постигне потребниот процент за еднопартиска Влада, постојат две опции или коалиција меѓу партиите или втори избори.

Грчкиот Устав предвидува веднаш по изборите претседателот на државата да ѝ го додели мандатот за формирање Влада на партијата победник. Доколку првата партија не успее да формира Влада, мандатот му го враќа на претседателот, кој го доделува на втората партија, а доколку и таа не успее, го добива и трето рангираната партија. Секоја од партиите на располагање има 72 часа да спроведе консултации со можни коалициони партнери.

Доколку во законски предвидениот рок од најмногу девет дена, земјата не добие Влада, тогаш претседателот свикува лидерска средба за евентуална широка коалиција, а во случај и овој обид да биде неуспешен, тогаш земјата оди на втори избори.

Ваков беше случајот во 2012 година, кога во период од месец и половина се одржаа два пати избори, а Нова демократија, ПАСОК и Демократска левица формираа коалициона Влада, но по вторите избори.

Оваа година, доколку се исполнат предвидувањата и актуелните сценарија, ќе има реприза на 2012 година, односно земјата ќе оди на втори избори, веројатно на 2 јули.

Тогаш ќе се спроведе законот од 2020 година и ќе се примени мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност, што значи и враќање на бонус пратеници за првата партија.

Но, овој пат, бонусот нема да биде фиксен од 50 пратеници, туку бројот ќе биде во зависност од освоените гласови и ќе се движи меѓу 20 и 50 дополнителни пратенички места.

Новина на овие избори е и правото на глас на сите оние кои имаат наполнето 17 години, а не 18 како што беше до сега, а за прв пат ќе гласа и дијаспората.

Право на глас во Грција имаат 9.810.040 граѓани, од нив 438.595 в недела ќе гласаат прв пат, а во земјата ќе бидат отворени 22.000 гласачки места.

Грците кои живеат во странство ќе гласаат ден порано, в сабота на 20 мај, пријавени се 22.855 лица, а ќе бидат отворени 99 гласачки места во 35 земји.

Сања Ристовска

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK