Автомобилите на српските туристи летово беа мета на крадци ширум Грција, но слични проблеми имаа и во Италија, пишуваат српските медиуми.
Во Помпеја среде бел ден бил ограбен автомобил на српски туристи. Застанале да посетат археолошки локалитет. Кога се вратиле од прошетката, наишле на страшна глетка.
„Во автомобилот не остана ништо. Паркиравме на прометна улица, под пет камери и сето тоа не ги спречи крадците да го скршат стаклото и да извадат апсолутно сè од автомобилот. Тие ги срушија задните седишта и извадија три големи куфери, пренослив фрижидер, ранец, верувале или не, ги украа и пелените за бебето, каша за бебето како и играчки. Сето тоа беше спакувано да не се гледа ништо однадвор“, вели Милан Р.
Нивниот автомобил бил ограбен на 200 метри од влезот на археолошкиот локалитет, а соговорникот вели дека имало очевидци, но никој не сакал да реагира или да сведочи.
„Сакам да го искористам овој начин да апелирам до нашите луѓе, да се држат настрана од Неапол доколку патуваат со своето семејство за да не им биде уништено патувањето. Сигурен сум дека тоа е организирана група, дури верувам дека бев следен од самиот влез во Помпеја и дека чекаа само да застанам, да се оддалечам од автомобилот за да ја завршат работата“, вели тој.
Според него, не го погодиле толку украдените работи, туку самиот настан и стресот што го доживеале неговото семејство и тој на едно патување кое требало да им остане драг спомен. Како што вели, Милан е разочаран од италијанските власти и полицијата.
„Не можеме да веруваме дека крадците се толку слободни во 21 век во земја која е членка на Европската унија“, го завршува разговорот.