Одржан протестот на косовските новинари против затворањето на ТВ Клан Косова

protest novinari
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Под мотото „Демократијата умира во мрак“, денеска во центарот на Приштина се одржа протест на медиумските работници, организиран од  Асоцијацијата на новинари на Косово (АГК) против намерата на властите да ѝ ја одземат дозволата за работа на телевизијата Клан Косова, јави дописникот на МИА од Приштина.







Од протестот, на кој освен новинарите учествуваа и претставници на невладини организации, беше побарано од судските власти да ја третираат правично жалбата на Клан Косова по повод одлуката на Министерството за индустрија, претприемништво и трговија (МИНТ) на Косово за одземање на лиценцата на таа независна телевизија.

Членот на Управниот одбор на АГК, Наим Садику изјави дека одлуката на МИНТ е политички мотивирана и претставува ограничување на слободата на медиумите и слободата на говорот од страна на владејачката партија Движење самоопределување (ВВ) на премиерот Албин Курти.

– Новинарите се соочени со дива кампања на партијата на власт и ние го осудуваме овој јазик на омраза кон медиумите. Како АГК бараме од судството да го третира правично случајот на Клан Косова, без да потпадне под влијание на политиката, порача Садику.

Камерманите и новинарите кои известуваа од протестот ги положија на земја камерите и другата опрема и се приклучија на протестот.

МИНТ на крајот на минатата недела донесе одлука за одземање на дозволата за работа на Клан Косова, со образложение дека во документацијата за регистрација на медиумот стои оти тој е регистриран во градовите Пеќ и Ѓаковица во Косово, но дека во одлуките стои „Косово и Метохија – Србија“, со што, вели тоа министерство, е прекршен Уставот на Република Косово.

Против затворањето на приштинската телевизија се огласија речиси сите косовски медиуми и невладиниот сектор, амбасадите на ЕУ, на Квинтата (САД, Франција, Германија, Велика Британија и Италија), Мисијата на ОБСЕ во Приштина, Европската новинарска федерација и други.

Од Клан Косова тврдат дека претензиите на МИНТ се лажни и дека, согласно претходното барање на тоа министерство, ги презеле дејствијата за исправка на наводните грешки. Телевизијата најави жалба пред надлежните судски инстанци.

Група активисти на партијата на Курти, во времето кога се одржуваше протестот на новинарите, излегоа на контрапротест, порачувајќи дека одлуката на владата за одземање на дозволата на Клан Косова е праведна. Тие носеа транспаренти на кои на албански јазик беша напишано Ѓаковица, Косово и Пеќ, Косово (Gjakovë, Kosovë – Pejë Kosovë), а беа прешкртани имињата на српски јазик „Ѓаковица, Србија и Пеќ, Србија“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK