Косовскиот премиер Аљбин Куртије на српски им се заблагодари на сите за, како што рече, „вербата во подобро Косово“ и посочи дека од почетокот на ноември 3.260 сопственици на автомобили ги замениле регистерските таблички со републичките на Косово, како и бројот на барања за биометриски пасоши годинава е за 30 отсто поголем од лани.
„Со оглед на фактот дека над 3.260 сопственици на автомобили од почетокот на ноември ги замениле своите регистарски таблички со оние на Република Косово, забележуваме интерес за интеграција, а разбираме и знаеме дека истото е во интерес на секој граѓанин на Косово, сите заедно“, рече Курти во видеото објавено на социјалната мрежа Х, пренесе Радио Ким.
Курти потсети дека оваа недела беше домаќин на посетата на Парламентарното собрание на Советот на Европа во врска со барањето на Косово за влез во Советот на Европа.
„Знаеме дека членството носи предности, особено за припадниците на немнозинските заедници во однос на пристапот до Судот за човекови права во Стразбур. Затоа, ние сме посветени на апликацијата за членство како најдобар начин да обезбедиме заштита на правата на сите во Косово“, рече Курти.
Тој додаде дека овие посети доаѓаат во време кога граѓаните на Косово го прифаќаат својот европски идентитет не само од аспект на владеење и општество, туку и со шанса физички да се зближат со европските соседи поради визната либерализација.
„Граѓаните на Косово кои сакаат да ги посетат своите семејства и од прва рака да ја видат културата на земјите од шенгенскиот регион, од 1 јануари ќе можат слободно да патуваат без визен режим“, рече Курти и изрази задоволство што „интересот за искористување на оваа можност се протега низ целата држава.”
„Во светло на ваквите неодамнешни настани, им благодарам на сите што покажаа верба во подобро Косово“, рече Курти.