Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ се огласи во врска со тврдењата на Милорад Додик дека хрватскиот народ е колективно виновен за усташките злосторства. „Има многу малку припадници на хрватската нација кои не се солидаризираа со злосторствата на усташкиот режим“, изјави вчера Додик од Доња Градина, каде што се одржа комеморацијата за жртвите во концентрациониот логор Јасеновац.
Додик ја повтори спорната бројка од 700.000 убиени во Јасеновац, посочувајќи дека во Хрватска „сто години ги остреле секири“ за да почнат да убиваат Срби во 1941 година. Тој најави дека во Доња Градина, Србија и Република Српска ќе градат сопствен споменик на жртвите од Јасеновац со цел „да не се ограничи“ начинот на кој во иднина ќе го одбележуваат.
„Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, изјавите на лидерот на српскиот народ во БиХ, Милорад Додик, во Доња Градина, на комеморацијата на жртвите од усташкиот логор Јасеновац ги смета за неприфатливи и пред се невистинити.
Милорад Додик, покрај повторената невистина за бројот на жртвите во Јасеновац, рече дека „има многу малку припадници на хрватската нација кои не се солидаризирале со злосторствата на усташкиот режим“, што апсолутно не е точно и е навреда за сите хрватски антифашисти и хрватскиот народ.
Ваквите матрици само им штетат на интересите на Хрватите и Србите и во Хрватска и во БиХ. Хрватскиот народ излезе од Втората светска војна на вистинската страна на историјата, на победничката страна. Секое различно толкување на историјата, вклучувајќи го и гореспоменатото на Додик, претставува грубо фалсификување на вистината“, се наведува во одговорот на Милановиќ.