Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, денеска во Приштина соопшти дека во понеделник во Брисел ќе се одржи средба меѓу вицепремиерот на Владата на Косово, Бесник Бислими, и директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Петар Петковиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
По средбата со премиерот Албин Курти, Лајчак за новинарите изјави дека разговарал за следните чекори во дијалогот со Србија, вклучувајќи го и формирањето на Заедницата на српските општини.
Тој најави дека во текот на денот ќе го посети и северот на Косово, а за следните чекори во дијалогот во петок ќе разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ,.
-Имаме договор, анекс и мораме да разбереме дека ќе следат и наредни чекори, имавме интензивни, но многу важни разговори, изјави Лајчак за средбата со Курти.
Може да имаме нормализација или конфронтација и затоа се фокусираме на нормализација, бидејќи конфронтацијата не е во ничиј интерес, нагласи Лајчак.
-Детално разговарав со премиерот Курти за тоа како Европската унија гледа на процесот на изработка на Статутот и верувам дека имаме договор за овој процес. Имаме договор, имаме жалба и ни требаат јасни идеи за следните чекори, рече Лајчак.
Според него, ЕУ јасно ставила до знаење дека секој модел на Заедницата на српски општини заснован на европски вредности и принципи и европски модели е прифатлив за нив.
Рековме дека од почеток сме јасни по тоа прашање, рече Лајчак, кој најави посета на северно Косово и разговори со градоначалникот на Јужна Митровица, за да се најде решение.
-Не сакам да навлегувам во детали од разговорите, ова е прв дел од моите разговори, а ќе ги продолжам утре во Белград, рече Лајчак.