Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак денеска изјави дека насилството никогаш не е прифатливо и дека е неопходно итно да се најде политичко решение за актуелната криза на северот на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој истакна дека ја цени подготвеноста на Вучиќ да придонесе за тоа.
Лајчак на Твитер објави дека тој и американскиот заменик-помошник државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, имале долги разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград за сложената ситуација на Србите на Косово.
Како што соопшти Претседателството по вчерашната средба на претседателот на Србија со Ескобар и Лајчак, „Вучиќ ја повтори целосната посветеност на Република Србија на процесот на дијалог со Приштина, за постигнување компромис и одржливи решенија во полза на подобар живот и односите меѓу Србите и Албанците и ја подвлече безбедноста како клучно барање на нашиот народ на Косово и Метохија“.
Вучиќ, исто така, го повторил своето инсистирање за целосна имплементација на договорените и потпишаните договори од Брисел, пред се за формирање на Заедницата на српските општини и ја повикал меѓународната заедница повеќе да се ангажира со Приштина во таа насока, се наведува во соопштението.