– На локалните избори, кои денеска се спроведуваат во Албанија, според Централната изборна комисија, излезноста до 12 часот е 18,94 отсто од вкупно запишаните 3.653.988 лица со право на глас.
Ова право го реализираа и лидерите на политичките партии, меѓу нив и лидерот на владејачките социјалисти и актуелен премиер на Албанија Еди Рама, придружуван од сопругата Линда Рама.
– Сега е моментот граѓаните да го кажат својот збор, се надевам дека ситуацијата што ја создаде ЦИК (проблемите со апаратите за електронска идентификација) не ги погоди тие што сакаат да гласаат. Сите што можеби биле обесхрабрени да се вратат за да биде целосно изразена волјата, рече кусо Рама.
Лидерот на Партијата на слободата и поранешен албански претседател Илир Мета, заедно со сопругата Моника Криемади и трите деца, при што најмалата ќерка Ера гласаше за првпат.
– И Ера гласаше и тоа за прв пат, и беше задоволство што и таа денеска ја имаше оваа можност. Најважното право што го има еден граѓанин е гласот, граѓанинот кој не го користи ова право нема право да се жали или да бара одговорност, затоа искористете го ова право бидејќи само со ова право можете да станете дел од промената, изјави Мета.
Лидерот на побројното крило на Демократската партија, поранешен претседател на земјата и експремиер, Сали Бериша, чии кандидати настапуваат под логото на Партијата на слободата на Илир Мета, откако ЦИК не ја регистрираше неговата иницијатива „За обнова на ДП“ по гласањето рече дека „ова е пролет на промена“ и ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање зашто „Утре Албанија конечно го архивира грдиот монизам во Албанија и ова е ден на победа на албанската демократија“.
За вршителот на должноста претседател на ДП, Енкелејд Алибеај „Денеска е денот на големото збогување со минатото што е во рацете на граѓаните“.
По гласањето, претседателката на парламентот Линдита Никола во изјава за медиумите рече дека денеска е ден кога политичарите молчат, а народот зборува и ги повика граѓаните да го остварат ова право за избор на градоначалници и општински претставници.
Претходно гласаше и шефот на државата со сопругата Арманда по што изјави дека „денеска е многу значаен ден и гласот на народот мора да се слушне“.