Хрватска планира да организира донаторска конференција за деминирање во Украина, изјави во Брисел државната секретарка во хрватското Министерство за надворешни работи и европски прашања Андреја Метелко Згомбиќ, пренесе Хина.
„Им кажав на моите колеги дека Хрватска планира во октомври да организира донаторска конференција за деминирање во Украина, рече Андреја Метелко Згомбиќ по состанокот на Советот за општи работи. Таа посочи дека Хрватска сака на конференцијата да присуствуваат што е можно повеќе учесници. Хрватска тесно соработува со Украина бидејќи е свесна, со оглед на своето воено искуство, за важноста на деминирањето за реконструкција на која било земја, истакна Згомбиќ.
Една од темите на министерската средба беше подготовката за следниот самит на лидерите на ЕУ, кој ќе се одржи на крајот на јуни, а каде на дневен ред ќе биде Украина.
Метелко Згомбиќ, исто така, изјави дека Хрватска не сака воените злосторства извршени во Украина да останат неказнети и ја разбира важноста од гонење на кривичното дело агресија, истакнувајќи дека има потреба од формирање меѓународен суд за кривично дело агресија.