Десетина грчки туристи се повредени денеска во тешка сообраќајна несреќа меѓу автобус и камион на патот Русе-Бјала. Патниците ги скршиле стаклата на автобусот.
Никој не е сериозно повреден, пренесуваат бугарските медиуми.
Во автобусот патувале 50 туристи од Грција кои ја дочекале Новата година во Букурешт. На кривина меѓу Волово и Борово, 36-годишниот романски возач удрил во страна на камион со турска регистрација што се движел во спротивна насока. Тој изгубил контрола и автобусот излетал од патот. Меѓу повредените е и возачот. Се се случило за неколку секунди, а првата реакција на патниците била да ги скршат стаклата за да излезат од автобусот.
„Имаше полесни повредени. Навистина имаме среќа што сме живи. Сега чекаме да дознаеме што ќе се случи со нас. Навистина не знаеме која е причината и кој е виновен за несреќата. Не сакаме да шпекулираме“, изјавил за бугарски „БНТ“ Панас Панајотис.
Повеќето патници биле прегледани на местото на настанот. 10 лица се пренесени во универзитетската болница со расекотини. Една од повредените жени била примена на неврохирургија со мозочна траума, според написите, нема опасност по нејзиниот живот.
„Беше лизгаво и влажно, инаку колегата возеше со вообичаеното темпо и го почитуваше ограничувањето. Автобусот се движеше кон нас со голема брзина. Пред мене имаше две-три возила инаку автобусот ќе ме повлечеше и мене“, изјави очевидец.
Како што пренесува медиумот, двајцата возачи биле негативни на алкотестот а туристите на блиската бензинска пумпа чекале друг автобус од Софија за да го продолжат патувањето кон Грција.