Две лица загинаа, а шест се повредени во јужниот дел на Унгарија, во близина на границата со Србија, кога автомобил со мигранти удрил во дрво и се превртел, соопшти унгарската полиција.
Несреќата се случила кај Кишкунмајша, а од полицијата велат дека автомобил со француски регистарски таблички, управуван од шверцер, не застанал на полициска проверка, туку забрзал пред да се преврти.
Полицијата не соопшти колку мигранти имало во возилото.
Според податоците на полицијата, во последните неколку месеци е зголемен бројот на илегални мигранти кои ја преминуваат јужната граница на Унгарија со Србија, од каде се преселуваат во Словачка или Австрија.
Мигрантите, главно млади мажи од Блискиот Исток и Авганистан, пристигнуваат преку таканаречената балканска рута, влегувајќи во Унгарија од Србија и покрај челичната ограда што ја подигна премиерот Виктор Орбан по мигрантската криза во 2015 година.
Вчера, словачката влада одобри продолжување на привремената гранична контрола со Унгарија до 3 ноември, бидејќи се обидува да ја спречи зголемената илегална миграција. Словачка воведе гранични контроли на 5 октомври во период од 10 дена, по Полска, Чешка и Австрија, кои претходно ги заострија граничните премини со Словачка.