Дваесет и еден процент од матурантите од четири региони ги пакуваат куферите на студии во Словенија или Бугарија

patnici_345345334
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Квалитетот на студиските програми, рејтингот на универзитетите и студирањето на некој близок надвор од државата се причина 21 процент од матурантите од четири региони годинава да заминат на некој од факултетите во странство. Атрактивни дестинации за студирање се Словенија и Бугарија, покажуваат најновите истражувања на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Универзитетскиот професор Страшко Стојановски во видео разговор во прес центарот на МИА во Штип, што во целост ќе биде објавен утре, вели дека ова истражување е дел од поголем проект, којшто заеднички го работат неколку професори и студенти. Истражувањата се со наслов „Млади миграции, образование“. Вакво истражување и анкета се направени и пред пет години што дозволува компорација на резулатите.


Стојановски посочува дека со овие истражувања може да се забележи дека интересот за студирање на средношколците надвор од државата е речиси дуплирано односно од 13 проценти пред пет години,  сега процентот е зголемен на 21 процент.

-И можеме веќе да согледаме некои податоци и одредени тенденции иако премногу рано би рекол, бидејќи имаме само две вакви истражувања. Има уште едно истражување што се однесуваше на миграции што минатата година го презентиравме. Тоа се општи ставови на младите по однос на прашања на миграции, а ова истражување се однесуваше на образовна мотивација за миграција на младите во прв ред, и се однесуваше на матуранти односно на ученици во трета и четврта година во средните училишта. Од четири плански региони, најголем дел од училиштата беа опфатени. Значи тоа се дваесетина средни училишта од 13-14 градови во овие региони, почнувајќи од Североисточниот, Источниот, Југоисточниот и Повардарскиот плански регион, вели Стојановски.

Прашан кои се причините и зошто младите сакаат да студираат во толкав процент надвор од земјава, Стојановски посочува дека мотивацијата главно е поврзана со перспективи и со некакви економски критериуми, а тоа се повторува и од претходното истражување од минатата година.

Младите во анкетата велат дека економскиот фактор е клучен фактор за миграција и градење на професионалната кариера надвор од државата.

-Околу 30 проценти не би студирале од средношколците. Кога се работи за образовна мотивација, тука не можеме да зборуваме веднаш „ад хок“ за трајно иселување на младите, односно тоа е само индикатор дека може да постои тенденција. Тоа иселување привремено, коешто би било поврзано со надополнување на образованието, односно премин од секундарно кон терцијално, понатаму во иднина се придвижува кон трајно иселување. Младите доколку по претпоставка се социјализираат во тие држави, доколку изградат доволно конекции, доколку имаат можности за вработување, тие се разбира дека би останале, вели Стојановски.

Во видео разговорот за МИА, Стојановски забележува дека сериозен индикатор е како ќе ги третираме образовните политики на некои од државите. Во прв ред тука е Словенија, а, како што вели, тие дошле до заклучок дека не се работи за класично образовна политика на Словенија, туку за класична демографска стратегија, а образовниот аспект е само елемент во таа демографска стратегија на Словенија да привлекува население од други држави. Забележува дека сите земји имаат проблеми со   демографските потенцијали, а младото население е она коешто ја придвижува државата и коешто обезбедува државата да има некаква перспектива.

–  Словенија го има тоа решено. Еден од аспектите е само оваа образовна политика којашто ја прават на начин со којшто би привлекле евентуално население, бидејќи овие образовни програми се однесуваат на државите од Југоисточна Европа,  коишто се дел од Западен Балкан, со исклучок на Хрватска, и привлекуваат население буквално од бившите југословенски простори. Претпоставка е дека културолошки се блиски, претпоставувам дека правеле анализи и сумирања пред да ги направат ваквите стратегии и тоа го реализираат во пракса привлекувајќи студенти. Понатаму кога ќе бидат тие студенти во трета или четврта година, на добар дел од нив им се нудат и работни места и едноставно општеството е поинклузивно кога се работи за инкорпорирање на потенцијалните млади луѓе кои доаѓаат од околните региони, појаснува Стојановски.

Според Стојановски, реформите не се задоцнети, но проблемот, како што вели, е во системскиот пристап.

– Тоа го имам потенцирано неколкупати досега, можеби затоа што профилот ми е таков како социолог па малку гледам популистички на проблемите, не еднонасочно. Се разбира во одредени аспекти, јас би имал погрешни познавања отколку некои кои се директно инволвирани, на пример, во креирање на образовните политики. Меѓутоа, од аспект на методологија на спроведување на реформи потребни се прво клучни истражувања, нешто што не го гледам во јавната дебата. Понатаму потребна е фаза на пилот проекти. Имам одредени индикации дека паралелно се спроведуваат пилот проекти и се имплементираат реформи во образованието. Тоа не е во ред. Се прават пилот проекти, па се алудираат тие пилот проекти, па дури тогаш пристапуваме кон реформи на кој и да било систем, вели Стојановски.

Потенцира дека не може да  се зборува за „ад хок“ реформи што би се спровеле во рок од еден мандат на политичките партии што доаѓаат на власт. Тој мандат, како што вели, би траел евентуално четири години во нормални околности, туку се потребни осеопфатни истражувања коишто не се врзани директно со носење на политички одлуки.

– Бев критичен и кон процесот на реформирање пред повеќе од една декада кога се инкорпорираше Кембриџ системот. Не велам дека нема позитивни аспекти, можеби има и простор за критики. Меѓутоа и тогаш некако набрзина се имплементираше без да се направат длабински, соодветни истражувања за тоа и преку јавна дебата врз база на критики низ тие фази, да дојдеме до одредени решенија што не се непроменливи. Меѓутоа ако зборуваме за младите, треба да имаме некаква среднорочна или долгорочна стратегија што нема да се гради врз база на теоретски познавања и никако врз база на копирање на туѓи системи, вели Стојановски.

Смета дека нашиот образовниот систем и не е толку лош, што го покажуваат и резулатите на македонските студенти кои студираат во Словенија.

-Сме разговарале со колеги од Љубљанскиот Универзитет. Од топ 10 студенти кои се на Љубљанскиот универзитет, пет се со потекло од Македонија. Значи имаме квалитетен систем. Треба да не креираме стереотипи, затоа што и тоа исто така влијае врз перспективите на младите и треба да се истакнуваат добрите примери. Имаме добри примери на млади успешни луѓе. Не е лошо понекогаш да имаме и такви приказни, а не само доминација на негативни вести, дневна политика на медиумите, порачува Стојановски.

Викторија Димитрова-Јованова

Фото: Борис Куноски, МИА архива

Видео и монтажа: Аслан Вишко

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK