Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, повторно отпатува во Русија за да ја изрази својата желба за зајакнување на односите со режимот на Владимир Путин, а денеска на средбата со шефот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, тоа го потврди. Додик отпатува за Санкт Петербург, каде ќе учествува на меѓународниот безбедносен форум организиран од руските власти, а таму го однесе и министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, со чија партија е во коалиција на државно ниво.
Како што објави јавниот сервис на Република Српска (РТРС), Додик веднаш се сретнал со Патрушев, кој се смета дека е еден од најблиските соработници на Путин. Двајцата разговараа за соработката меѓу РС и Русија, а Патрушев особено ги пофали добрите лични односи меѓу Додик и Путин.
„Вашите одлични лични односи со претседателот на Русија, Владимир Путин, водат до одлични односи меѓу РС и Руската Федерација“, рече Патрушев на средбата, додавајќи дека е свесен дека РС е под голем притисок поради тоа.
Додик одговори дека нема да го поколебаат притисоците.
„Ние сме под голем притисок, но остануваме посветени на добрите односи со Русија“, рече Додик.
Актуелниот претседател на РС, кој е под санкции на САД и Велика Британија, отпатува во Русија во време кога Босна и Херцеговина се соочува со сериозна политичка криза. Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, во понеделникот предупреди дека односите во владејачката коалиција се „најлоши досега“.
Кризата беше предизвикана од барањето на Додик за укинување на техничките измени на изборниот закон, кои беа наметнати во март од високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит, како и противењето на најавеното усвојување на резолуцијата во Обединетите нации со која би се прогласил 11 јули како ден за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Поради оваа причина, Додик ги актуелизираше своите закани за независност на РС, и тоа го стори во пресрет на неговото заминување во Русија.
„Не можеме да живееме со оние кои работат против нас. Време е секој да тргне по својот пат“, изјави вчера Додик.