Возачот на комбето кој загина во сообраќајната несреќа во која учествуваше и хрватскиот министер за одбрана Марио Баножиќ е 40-годишен маж од Хрватска.
Како што пишува „Јутарњи лист“ мажот е сопственик на градежна фирма и најверојатно утрово заминал во Винковци на градилиште. Тие пишуваат и дека мажот бил оженет и е татко на две малолетни деца.
Министерот за одбрана Марио Баножиќ утрово доживеа сообраќајна несреќа во која едно лице загина. Министерот одејќи на лов управувал лично возило кое се судрило со комбе, пришто загинал возачот на комбето.
Несреќата се случила во 6 часот и 15 минути на излезот од Винковци во правец кон Жупања. Од жупаниската општа болница Винковци потврдија дека министерот е тешко повреден, а владиниот портпарол изјави дека не е во животна опасност. Поради повредите тој ќе биде пренесен во КБЦ Осиек.
Медиумите од Хрватска јавуваат дека за време на судирот, на патот имало густа магла. Според неофицијални информации, министерот управувајќи џип претекнувал камион кога удрил во комбето кое доаѓало од спротивната насока, меѓутоа се уште нема официјална потврда од хрватската полиција за причините за несреќата.
Во тек е истрага.