Не постои политичка волја кај власта во Скопје да почне да го спроведува договореното во Европскиот компромис од 2022 г. Конфронтацијата и антибугарската реторика не ја приближуваат Северна Македонија до ЕУ тие само водат кон губење драгоцено време. Ова во интервју за бугарскиот дневен весник „Стандард“ го изјави министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова, пренесува Трибуна.
„Темата за Република Северна Македонија ми е многу блиска. Од една страна, сум родена во Сандански, израснав во непосредна близина на границата и од прва рака знам колку е важно да имаш добри односи со соседите и колку е погубно кога недостигаат добрососедски односи. Од друга страна, како заменик-министерка во 2022 година, бев дел од тимот што ја застапуваше бугарската позиција пред ЕУ и многу добро знам колку тешко успеавме да постигнеме политички консензус кај нас и да ги убедиме нашите партнери да ја прифатат нашата позиција. Европскиот компромис од 2022 година беше огромен успех бидејќи беше поткрепен со категоричен меѓуинституционален консензус во Бугарија. Токму тоа го направи толку значаен“, вели Петрова во интевјуто за „Стандард“.
Таа изрази жалење поради фактот што нема политичка волја од стана на власта во Скопје за спроведување на договореното, додавајќи дека антибугарската реторика и конфронтацијата не ја приближуваат Северна Македонија до Европската унија. Петрова го искоментира и односот на власта во случајот со Ива Михаилова и наведе дека токму тој однос „не дава голема надеж за сериозен напредок во позитивна насока“.
„За жал, оттогаш до денес не постои политичка волја кај власта во Скопје да почне да го спроведува договореното. Ние не поставуваме нови услови и не бараме ништо надвор од веќе договорената европска рамка. Довербата се гради кога преземените обврски се исполнуваат и кога гледаме конструктивен пристап насочен кон изнаоѓање решенија. Конфронтацијата и антибугарската реторика не ја приближуваат Северна Македонија до ЕУ – тие само водат кон губење драгоцено време. Однесувањето на властите во случаи како оној со Ива Михајлова не дава голема надеж дека има сериозен напредок во позитивна насока“, вели Петрова во интервјуто за бугарскиот дневен весник „Стандард“.