Албанскиот претседател Бајрам Бегај коментирајќи ги последните случувања на северот на Косово рече дека побарал од косовските власти да покажат претпазливост и дека насилството не треба да биде опција, туку дијалогот, јави Ора њуз.
-Суверенитетот и интегритетот на Косово се незаменливи. Упатувам братски апел до косовските власти дека во оваа ситуација мора да имаат трпение, зрелост и да се координираат со нашите стратешки партнери. Насилството не е решение, насилниот конфликт не треба да биде опција, туку дијалогот, додал тој на заедничката прес-конференција со претседателот на Естонија Алар Карис, кој е во посета на земјата.
Потврдил дека е во постојана комуникација не само со косовските власти туку и со шефовите на држави од регионот.
-Мојата комуникација со Косово е континуирана, со највисоките власти, како и со командантот на КФОР и со неколку претседатели на земјите од регионот. Продолжува нашата поддршката за Косово и го нагласувам значењето од спроведувањето на договорот од Брисел и анексите договорени во Охрид. Треба да се фокусираме на приоритетите, посочил тој.
Оценил дека „никој не е задоволен со ситуации или однесувања кои не и служат на стабилноста на регионот, особено кога тој е во процес на интеграција“.
-Додека сите очекувавме дека ќе има преговори меѓу Косово и Србија, имавме тензична ситуација, која дојде како резултат на злоупотреба на српското население на северот на Косово и на насилство од страна на криминалните групи. Ова носи последици за регионот, но и за меѓународната заедница, како непотребно оптоварување на партнерствата. Мислам дека ситуацијата бара решение, кое, верувам дека ќе биде земено предвид од лидерите и двата главни фактори, рекол тој.