По нешто повеќе од едногодишен молк и отсуство од албанската политичка сцена, поторно се врати поранешниот лидер на најголемата албанска опозициска Демократска партија (ДП), Љуљзим Баша, со аспирации повторно да се врати на челната функција, од која се повлече на 21 март минатата година.
Претседателството на официјалната Демократска партија (постои и фракцијата на Сали Бериша, која е побројна) покрај неговата ја потврди и кандидатурата на Ѓерѓ Хани, во трката за нов лидер на Демократската партија.
-Одобрувањето на кандидатурите за претседател на Демократската партија е одлучувачки момент за нашето политичко семејство. Во пресрет на отворањето на трката, го повикуваме секој демократ да биде активен дел од неа и процесот на реорганизација, преку кој ќе се издигнеме до висината на вредностите и аспирациите врз кои е основана Демократската партија во декември 1990 година, како сила прво прозападна и како надеж на Албанците за промени, стои во партиското соопштение.
Поради поделеноста и во редовите на овој дел од партијата, бојкот и несогласување со одредени одлуки, Претседателството, во соопштениото додава, дека врз основа на последните случувања во Демократската партија, го смета за неприфатлив бојкотирачкиот однос на некои нејзини членови и го повикува секој од нив да се воздржи од неосновани тврдења, кои им штетат на интересите на партијата.
Кампањата двајцата кандидати ја почнуваат утре, 24 јуни, која предвидува кандидатите да ги посетат општинските организации за да разговараат со демократите, додека изборот по принципот „еден член еден глас“ ќе биде на крајот од следниот месец.
Инаку, Баша по големите недоразбирања главно со Сали Бериша, поднесе оставка а соопштувајќи ја одлуката тогаш рече дека „прави чекор назад за да даде можност ПД да се издигне по тешката криза во која се наоѓа“.
Четириесет и деветгодишниот Баша на чело на партијата дојде по поразот на парламентарните избори на партијата во 2013 година, кога се повлече Сали Бериша.
На двата последователни парламентарни изборни циклуси, 2017 и 2021 година партијата претрпе пораз, а во 2019 година предводејќи ја обеднетата опозиција ги бојкотираше локалните избори. И на вонредните делумни избори за градоначалници на шест општини, што се одржаа на 6 март минатата година, повторно кандидатите на ПД не освоија ниту една градоначалничка функција. Место нив едно градачалничко место освои кандидатот на крилото што го предводи Сали Бериша, кој се отцепи од партијата откако Баша го исклучи од сите партиски структури по прогласувањето за песона нон грата од страна на САД.
Делумните избори се чини ја прелеаа чашата на незадоволство, па оставка од него почнаа да бараат и неговите најблиски соработници, кои еден по еден се отажуваа од партиските функции, а поголем број од пратениците најавија дека ќе делуваат како независни кандидати, но подоцна се приклучија кон фракцијата на Бериша.